По серијата земјотреси во Санторини, морето во Измир и многу други места долж брегот на Егејското Море се повлече за повеќе од 200 метри, објавија турските медиуми.
Од 8 февруари, морето сè повеќе се повлекувало, а денеска се повлече за повеќе од 300 метри во областа Чешме и пристаништето Алачати, додека нивото на водата во областа Дикили и Бодрум падна за повеќе од половина метар, оставајќи зад себе многу заглавени чамци, пренесе „Anadolu Agency“.
Иако граѓаните се вознемирија, поврзувајќи ја оваа појава со земјотресите во Санторини, експертите тврдат дека морската вода се повлекла поради силните северни ветрови и велат дека тоа е природен процес.
Д-р Мехмет Чавушоглу, член на работната група за животна средина, биодиверзитет и климатски промени на Турската академија на науките (ТУБА) и проф. Д-р Доган Јашар изјавија дека морската вода се повлекла поради силните северни ветрови кои достигнуваат удари и до 60-70 километри на час.
Јашар истакна дека повлекувањето нема никаква врска со земјотресите во Егејското Море, и додаде дека нема причина за загриженост.
Исто така забележано е дека водостојот на реката Каршијак, која е живеалиште за многу птици, е намален.
Од друга страна шефот на Катедрата за водни ресурси на Универзитетот во Мугла, д-р Џејхун Озчелик, рече дека во последните денови забележително е повлекувањето на морето долж медитеранскиот и егејскиот брег. Меѓутоа тој кажа дека земјотресите не се причина за оваа појава и дека нема потреба од паника кај граѓаните.
На брегот кај Мармарис поради повлекувањето на морето се формираа неколку нови острови, а морето се повлече и на плажите Узуњали и Ичмелер.
Морето се повлече околу 100 метри и од брегот во Силиври кај Истанбул, во областа Баликесир и во Дидим.
Забележано е дека додека водата се повлекувала, на плажата се формирале острови од песок.
Оваа појава, според експертите кои посочија дека причина за повлекувањето на морската вода на Дарданелите и на брегот на Анадолија е силниот северен ветер, а кој се очекува да трае до среда.
Сепак, Чагла Кубат, инструктор по сурфање во Алачатија, за „Anadolu Agency“ изјави дека повлекувањето на водата кое се случува речиси секоја година, овој пат е позабележително.
Таа додаде дека оваа недела се откажани тренинзите поради повлекувањето на водата и дека чекаат водата да се врати на претходното ниво.
Исто така и Хусеин Услу, кој живее 41 година во областа Ајдин, рече дека секоја година постои период кога водата се повлекува при силните северни ветрови, но дека ваква ситуација одамна не видел.