Еди Рама, албанскиот премиер, луто одговори на прашања на социјалните мрежи по апсењето на градоначалникот на Тирана, негов близок соработник.
Албанскиот премиер изјави дека по апсењето на градоначалникот на Тирана, Ерион Велијај, тој нема да поднесе оставка и дека само срцето или народот може да го тргнат од политиката.
Тој во видеоинтервју емитувано во живо на социјалните мрежи рече дека неговите политички противници, по апсењето на Велијај, побрзаа да побараат негова оставка, пишува „Евроњуз на албански јазик“.
Edi Rama has a complete meltdown during a live broadcast. pic.twitter.com/XeHCBBs7kw
— Admirim (@admirim) February 11, 2025
Во еден момент Рама удри со раката на масата и пцуеше на англиски јазик.
„Можете да заборавите на мојата оставка. Тоа го бараат од кога влегов во политиката. Има само два начина да ме отстраните од политиката – или ќе ме отстрани срцето ако не чука доволно бргу за да ме разбуди наутро или народот на Албанија ќе ме отстрани“, рече Рама.
Понатаму изјави дека за ова прашање ќе формира отворена јавна комисија.
„Од која причина да поднесам оставка? Ќе се справиме со ова прашање внимателно, ќе формираме отворена јавна комисија доколку е потребно“, рече Рама.
Градоначалникот на Тирана, Ерион Велијај, беше уапсен во понеделникот по наредба на Специјалното обвинителство, а Специјалниот суд за борба против корупцијата и организираниот криминал ѝ одреди куќен притвор на неговата сопруга Ајола Џоџа и нареди претреси во станот што наводно го користела.