Пациентите со напреднат рак на бубрегот кои примиле експериментална вакцина откако им биле отстранети туморите, не забележале дека нивниот рак се враќа неколку години, според првата фаза од малото клиничко испитување објавено во списанието "Nature".
„Тоа беа пациенти за кои знаете дека имаат многу висок ризик да им се врати ракот“, рече др. Тони Чуеири од Институтот за рак Дана-Фарбер во Бостон, кој го предводеше истражувањето.
„По речиси четири години, кај ниту еден од деветте вакцинирани пациенти не се вратил ракот на бубрегот“, рекол тој, истакнувајќи дека се многу возбудени поради овие резултати.
Новата вакцина е персонализирана
Стандардниот третман за третата и четвртата фаза на рак на бубрезите е хируршка интервенција, проследена со имунотерапија. Кај повеќето пациенти, ракот се враќа, обично во рок од три години, а потоа веќе нема добар метод на лекување. Новата вакцина е персонализирана, што значи дека е дизајнирана да го научи имунолошкиот систем на пациентот како да ги препознава и елиминира клетките на ракот.
Научниците идентификуваа неоантигени, мали фрагменти од мутирани протеини во ракот, во примероците од туморот отстранети за време на операцијата. Потоа утврдиле кој од овие неоантигени ќе го стават во вакцината.
„Ние избираме цели кои се специфични за ракот и се разликуваат од нормалните делови на телото. На овој начин, имунолошкиот систем може ефективно да го насочи ракот на многу специфичен начин“, објасни др. Дејвид Браун од Медицинскиот факултет на Универзитетот Јеил. Во соработка со Мерк, научниците сега тестираат слична вакцина против рак на бубрег во испитување на 272 пациенти.