Трагично заврши потрагата по 24-годишниот хрватски фудбалер Јаков Јелкиќ, кој исчезна рано наутро во саботата во Аликанте на источниот брег на Шпанија. Шпанската полиција го пронашла неговото тело во пристаништето Аликанте, со што се остварени најлошите стравови на семејството и пријателите.
По неколкудневна неизвесност, властите го открија телото на Јелкиќ во водата, а нуркачите од Цивилната гарда го извлекоа на брегот. Официјално е потврдено дека телото е пронајдено на крајот од едно од пристаништето. Во присуство на истражители, процесот на извлекување на телото беше завршен вчера нешто пред 18:30 часот по локално време.
Иако резултатите од обдукцијата се уште се чекаат, според полициски извори, прелиминарната истрага сугерира дека смртта е последица на несреќен случај и дека нема вмешаност на трето лице.
Исчезнувањето на Јаков Јелкиќ во саботата било пријавено во шпанската полиција, откако му се изгубила секаква трага во ноќниот клуб Упикум кај плоштадот Габриел Миро во Аликанте. Јелкиќ, кој имаше двојно швајцарско и хрватско државјанство, пристигна во градот еден ден порано со соиграчите од швајцарски фудбалски клуб од пониска лига.
Според неговите пријатели, по едно вечерно излегување, тој се вратил во клубот барајќи ја јакната што ја оставил таму, но никој од нив повеќе не го видел потоа. Следното утро, кога забележале дека не се вратил во хотелот, пријателите ја известиле полицијата, која започнала интензивна потрага.
Во рамки на истрагата, прегледани се снимките од безбедносните камери од локации во надлежност на Градот, комплексот Панорамис и Капетанијата на пристаништата. На снимката се гледа дека Јелкиќ се движи сам кон областа Дистрито Дигитал, дел од зоната на пристаништето во Аликанте. Набргу потоа му се изгубил сигналот од мобилниот телефон во таа област, околу три часот наутро, пишува Диарио Аликанте.
Откако истражителите ги утврдија последните познати движења на исчезнатиот млад човек, потрагата беше интензивирана, вклучително и снимки од воздушни дронови и пребарување на тимови нуркачи. Клучен момент во истрагата се случил кога истражител од полициската управа во Аликанте забележал тело во водата, на околу два метри под површината, на крајот на пристаништето, јавуваат шпанските медиуми.
Телото е идентификувано како Јаков Јелкиќ, а по наредба на дежурниот суд во Аликанте била спроведена официјална постапка на извлекување.
Телото е пренесено во Институтот за судска медицина во Аликанте, каде денеска ќе биде извршена обдукција. Се очекува резултатите да ги разјаснат околностите на смртта и да потврдат дали станува збор за несреќен случај.
Оваа трагедија е втора смрт забележана во пристаништето Аликанте изминатиот викенд, што предизвика загриженост кај локалните власти и граѓаните. Имено, во неделата во пристаништето било пронајдено тело на жена која претходниот ден била пријавена за исчезната.