Бруто домашниот производ (БДП) на Русија беше за четири отсто поголем на крајот на 2024 година благодарение на преработувачката индустрија, рече премиерот Михаил Мишустин.
Растот на БДП беше околу четири отсто на крајот на 2024 година, благодарение на високата активност на потрошувачите, рече рускиот премиер, повикувајќи се на прелиминарна проценка на Министерството за економски развој.
„Главниот двигател на растот беше преработувачката индустрија, која порасна за осум отсто, посилно од првичните прогнози“, посочи премиерот.
Уделот на додадена вредност во тој сектор е многу поголем отколку во продажбата на суровини и, според неговите зборови, претставува „доказ дека руската економија се повеќе се фокусира на технологијата“.
„Важно е да се продолжи и да се зајакне овој тренд во наредните години“, додаде Мишустин.
Во 2023 година руската економија порасна за 3,6 отсто.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во јануари процени дека рускиот БДП пораснал за 3,8 отсто минатата година, по растот од 3,6 отсто во 2023 година. Оваа година, според нивните проценки, растот би требало значително да забави, на 1,4 отсто.