[ВИДЕО] Момчето на Фросина со емотивна објава: Биди ми спокојна горе помеѓу ангелите, не ни дозволија заедно да остариме

Макфакс

04/02/2025

18:11

2.465

Големина на фонт

а а а

Момчето на Фросина Кулакова, која смртно беше прегазена на пешачки премин на „Партизанска“, со потресна објава се огласи на социјалните мрежи.

Петар Ристов упати порака дека ќе се бори до последен здив правдата да биде задоволена.

„Ангелче мое, заедно растевме и му се радувавме на животот, но не ни дозволија заедно и да остариме. Нашите планови ги срушија за миг. Ти беше личност полна со љубов и разбирање за секој и секогаш борбена до крај сѐ додека не си ја постигнеше зацртаната цел. Биди ми спокојна горе помеѓу ангелите, а ние овде ќе се бориме до последен здив ПРАВДАТА за тебе да биде задоволена и монструмот што те покоси и нѐ зацрни да си ја добие заслужената казна. Знам дека баш ти ни ја даваш оваа сила од горе за да станеме и да се бориме против сите што придонесоа тебе да те снема на ваков суров начин. Знај дека беше и вечно ќе останеш најсакана, АНГЕЛУ мој“, напиша тој во објава на својот инстаграм-профил.


Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и поминал на црвено светло. Настанот предизвика револт во јавноста, особено по сознанијата дека сторителот и претходно бил во судир со законот.

Во петокот Кривичен му одреди мерка притвор во траење од 30 дена на осомничениот поради постоење на основите од чл. 165 ст. 1 т. 1, 2 и 3, односно опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание врз сведоци и опасност да го повтори делото. Кривичен се огласи и во однос на претходните судски постапки што биле водени против осомничениот, при што напомена дека Јованов на 31.7.2024 година бил првостепено осуден, со пресуда К.бр. 1439/24 по кој постапувала судијата Даниела Алексовска-Стојановска и тоа за две кривични дела – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции и прекурсори од чл. 215 ст. 1 и чл. 215 ст. 1 вв со чл. 22 од КЗ, со која пресуда, поради неговата возраст, со неполни 20 години, а во согласност со одредбите од Законот за правата на децата, судот му изрекол воспитна мерка.