Германскиот канцелар Олаф Шолц остро реагираше на идејата на американскиот претседател Доналд Трамп да бара од Украина да ги снабдува Соединетите држави со ретки метали како услов за финансиска помош за земјата разурната од војна.
Шолц доцна синоќа го изрази своето несогласување со идејата по неформалниот состанок на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел.
Германскиот канцелар смета дека украинските ресурси треба да останат во нападнатата земја за да се финансира нејзината реконструкција по војната. „Треба да ги искористиме ресурсите на земјата за сè што ќе биде потребно по војната“, изјави Шолц.
Тој додаде дека користењето на овие средства сега за потребите на поддршка на одбраната би било „многу себично и фокусирано само на сопствените интереси“. Шолц нагласува дека на Украина во иднина нема да и треба само силна армија, туку и огромни финансиски средства за обнова на земјата.
„Ова се големи задачи, со оглед на огромното уништување што се случува во Украина. Затоа мислам дека би било подобро да се искористат украинските ресурси за подобра иднина“, заклучи Шолц.
Трамп претходно вчера во Овалната соба на Белата куќа рече дека сака „да склучи договор со Украина според кој тие со своите ретки метали и други работи ќе го обезбедат тоа што им го даваме“. Тој се пожали дека Европа не обезбедила исто ниво на помош за Украина како САД.
Тој нагласи дека украинската влада сигнализирала отвореност кон идејата за размена на своите резерви на литиум, титаниум и други ретки метали за континуирана американска помош. „Украина ја изрази својата подготвеност да соработува во снабдувањето со основни материјали. Многу сектори се потпираат на нив“, додаде тој.
Песков: Соработката меѓу САД и Украина во експлоатација на ретки метали е воена помош за Киев
Идејата за соработка меѓу Украина и САД на полето на експлоатација на ретките метали претставува обезбедување воена помош на комерцијална основа, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
„Ова е предлог Украина да купи американска помош, односно повеќе да не ја добива бесплатно или на некој друг начин, туку на комерцијална основа“, рече Песков, додавајќи дека е подобро да не се дава никаква помош на Киев и на тој начин да се придонесе за ставање крај на конфликтот, се вели во извештајот на агенцијата Интерфакс.
Повикувајќи се на неименувани извори, Њујорк Тајмс и Фајненшл Тајмс претходно објавија дека Украина е подготвена да соработува со САД на полето на експлоатација на ретки метали во замена за долгорочни гаранции дека овие ресурси нема да стигнат до Русија.