По победата во финалето против Хрватска, данските ракометари долго време ја коментираа грубата игра на Хрватите во текот на финалниот натпревар на Светското првенство.
Ракометната репрезентација на Данска синоќа ја совлада Хрватска со 32:26, и во голем стил ја освои новата светска шампионска титула, покажувајќи дека никој во светот не им е рамен.
Но и покрај победата, Данците не беа задоволни од играта на Хрватите. Поточно, тие беа незадоволни бидејќи сметаа дека хрватските ракометари играа премногу грубо во текот на целото финале.
Особено внимание привлече потегот на хрватскиот ракометар Матео Мараш. Имено тој го нагази најдобриот ракометар на Светското првенство, Матијас Гидсел и извесно време стоеше врз неговата нога.
„Една од најгрдите работи која некогаш сум ја видел“, изјави поранешниот дански репрезентативец и актуелен ракометен експерт Клаус Молер Јакобсен.
Од друга страна, самиот Гидсел не се побуни премногу и не му се спротивстави на Мараш поради тоа што го згазна. Тој чекаше да продолжи натпреварот за на својот тим да му ја донесе титулата светски шампион.
Еден од најгласните во протестите против грубата игра на Хрватите беше данскиот ракометар Симон Питлик, инаку најдобриот лев бек на Светското првенство, кој рече дека хрватските ракометари единствено можат да практикуваат таков стил на игра во Загреб, каде што „судиите се на нивна страна“.