Таа призна дека на почетокот имала поинаков став, но дека престојот на Блискиот Исток целосно ѝ ги променил погледите.
Зое Кристофоли, сопругата на францускиот репрезентативец и фудбалер Тео Ернандез, крена голема прашина во јавноста откако јавно го пофали исклучително строгиот правосуден систем во Саудиска Арабија, во кој се применуваат и шеријатски казни за тешки кривични дела.
Таа направи споредба со животот во Европа, остро критикувајќи го бранот насилство и нереди на кои била сведок во Италија и Франција.
„Среќна сум што живеам во Саудиска Арабија, каде што, ако некому нешто украдете, ви ги отсекуваат рацете според шеријатскиот закон, а ако намерно направите нешто лошо, знаете дека ве чека истата судбина“, изјави Кристофоли.
Нема олеснителни околности
Таа призна дека на самиот почеток имала поинаков став, но дека престојот на Блискиот Исток целосно ѝ ги променил погледите на безбедноста и казнувањето на криминалот.
„На почетокот мислев дека тоа е претерано. Денес сметам дека не постои друго решение за одредени луѓе да се стават под контрола. Нема олеснителни околности за тие одвратни поединци. Ослободете се од нив“, порача сопругата на познатиот фудбалер, додавајќи дека, ако даде Бог, би сакала да остане да живее во Саудиска Арабија што е можно подолго.

Загриженост поради состојбата во Европа
Сепак, нагласи дека и натаму ја сака својата татковина, но дека не може да ги затвора очите пред сè поголемите проблеми со кои се соочуваат европските метрополи.
„Сум и секогаш ќе бидам горда што сум Италијанка. Горда сум на своите корени, на вредностите со кои пораснав и на важноста на семејството. Не сум расистка и никогаш нема да бидам. Но, кога гледам слики од насилство и нереди во градовите во Италија, Франција и другите европски земји, мислам дека стана премногу лесно само да се коментира она што се случува“, рече Кристофоли.

На крајот додаде дека општеството мора да постави сериозни прашања за причините за ескалацијата на насилството на Запад.
„Насилството никогаш не може да се оправда. Но, наместо да се фокусираме само на последиците, можеби треба да имаме храброст да се запрашаме зошто стигнавме до оваа точка. Што тргна наопаку? Поставувањето на овие прашања не прави некого расист, туку покажува желба да се разбере проблемот пред да стане уште поголем. Игнорирањето на проблемот нема да направи тој да исчезне“, заклучи Зое Кристофоли.

















