[ФОТО/ВИДЕО] Земјата во која стриите добиваат пофалби, а дебелината околу струкот особено се слави: „Слабите жени - мажите не сакаат ниту да ги погледнат“

Точка

24/01/2025

21:29

2.263

Големина на фонт

а а а

Дефинициите за женската убавина варираат низ целиот свет, па така Маорите ќе изберат жени кои имаат црни или темносини тетовирани бради и усни. Кинезите ги фаворизираат оние со помали стапала, што доведе до врзување на стапалата и кршење на коските на девојчињата.

Кај жените од племето Мурси во Етиопија, плочите за усни се вообичаен украс кој вообичаено вклучува отстранување на предните два заби, а колку е поголема плочата, толку жената се смета за попривлечна. Истегнувањето на ушите со помош на тегови е популарно и кај мажите и кај жените во Јужна Америка и Африка сè додека тие се прошират речиси до рамениците. Жените во Тајланд, Јапонија и Кина користат производи за избелување на кожата за станат уште поубави, а во Мавританија, за жал, сè уште постои тренд на прејадување бидејќи дебелите жени се сметаат за убавици.



„Ако жената не е дебела, мажите овде нема ниту да ја погледнат. Витките жени не ги привлекуваат мажите, а дебелите се сметаат за најубави. Но, има мажи на кои убавината не им е толку важна колку што е добрината“, рече Мавританката во текот на видео-патописот кој го сними Италијанецот, Џузепе Бертучио Д’Анџело за да му покаже на светот како живеат жените и девојките во оваа африканска земја на западниот дел од континентот.

Присилно прејадување

Практиката на присилно прејадување девојки за брак, познато како „leblouh“, сè уште се практикува во некои рурални делови од земјата. Девојките на возраст од пет до девет години мора да го напуштат домот за да бидат подложени на присилно прејадување.


Постарите жени, тетките или бабите им даваат огромни количества храна – на дневна база, девојчињата вообичаено треба да изедат два килограми просо помешано со две чаши путер и 20 литри млеко од камила. Целта е на 12 годишна возраст девојчиња да достигнат тежина од околу 80 килограми.

Морничавата традиција датира од времето кога во Мавританија се практикувал номадски живот. Колку мажот бил побогат, толку помалку работела неговата сопруга – пожелно било цел ден таа да седи мирно во шаторот,  додека робовите ги извршувале домашните работи.


Старите берберски стихови ги фалат „tebtath“ (стриите) како скапоцени камења. Дури и денес „lekhwassar“ (дебелина околу струкот) се слави, додека девојчињата по ритуалот на прејадување го добиваат статусот на „mbelha“. Девојчињата се учат да седат во положба на лотос, да зборуваат тивко и да користат прибор за јадење. Ваквите практики се спроведуваат и надвор од Мавританија, во северниот дел на Мали и руралниот Нигер, како и во северниот дел на Камерун.