Македонската ракометна репрезентација денеска го игра вториот натпревар на Европското првенство, а истиот се очекува да биде идентично тежок како оној првиот, па дури и покомлициран според анализата на селекторот Кирил Лазаров.
Предводникот на македонскиот тим смета дека стилот на игра на Холанѓаните помалку одговара на квалитетите на македонската репрезентација, но сепак верува дека мотивот, борбеноста и кохезијата со „Фалангата“ која ќе биде многубројна во арената во „Вараждин“ ќе направат доволно за да се оствари уште еден позитивен резултат.
Херојското издание против Унгарија ги подигна апитетите кај цела македонска јавност, но селекторот се реши да остане претпазлив, потенцирајќи дека не треба да бараме „преку леб-погача“.
– Треба да бидеме стварно задоволни од тоа што го прикажавме на првиот натпревар, но веќе треба да го заборавиме тој меч и со мислите да одиме напред. Свесни сме дека добриот резултат можеше да биде и подобар, но да не бараме преку леб-погача. Да се фокусираме на Холандија и на следните натпревари кои ни следат на Светското првенство.
– Лично сметам дека Унгарија е поцврста селекција од Холандија, но Холандија помалку ни одговара поради стилот на игра. Тие играат неверојатно брз ракомет и имаат ритам во текот на сите 60 минути. И покрај тоа, јас сум максимално фокусиран и мотивиран, момците имаат голема самодоверба во овој момент, а ќе ги имаме и навивачите на наша страна и сигурен сум дека ќе бидат во што поголем број.
– Треба да го искористиме тоа, да се чувствуваме како да играме дома и да го дадеме максимумот. Како што гледам, според коефициентите тие се апсолутни фаворити, без оглед на резултатот кој го остваривме со Унгарија. Го прифаќаме тоа, но со максимална мотивираност, сплотеност и борбеност ќе пробаме да им парираме.
– Ќе бидам задоволен ако се бориме, ќе биде важно да имаме кохезија со „Фалангата“, да понудме борба и да не го гледаме резултатот. Ако изгинеме во текот на сите 60 минути, би имале шанси за било што. Јас сум претпазлив поради нашиот менталитет, но се надевам дека публиката ќе не разбуди уште на самиот старт и дека ќе имаме правилен пристап уште од стартот, – нагласи Лазаров.