Најстариот фудбалер во светот (62) во потрага по нов клуб – Ја откри „тајната“ на долговечноста

Точка

17/01/2025

16:36

779

Големина на фонт

а а а

Роберт Кармона (62), официјално најстариот фудбалер во светот, сега е во потрага по својот 50-ти клуб откако му истече договорот со Нуево Касабо во Уругвај.

Кармона беше признат како најстар фудбалер во светот од Гинисовата книга на рекорди, каде што се води како апсолутен рекордер. Но, иако одамна ги помина играчките години, овој Уругваец нема намера да застане.

Пред неколку дена тој го напушти уругвајскиот четвртолигаш Нуево Касабо и сега активно бара нов клуб.

„Ќе биде многу тешко некој да го повтори мојот подвиг како најстар фудбалер во светот, па речиси и невозможно. Имаше и такви кои некогаш беа најстарите фудбалери во светот, а сега гледаме дека од фудбалот се збогуваат и многу помлади од мене“, изјави Кармона.

Овој 62-годишен Уругваец својата кариера ја започна во далечната 1976 година. Тој му гарантира на клубот, кој ќе го ангажира, дека е „сличен на Кристијано Роналдо по професионализам“.

Во интервју за уругвајските медиуми тој ја откри тајната на својата долговечност. Тој нагласува дека тренинзите се клучот за неговото соборување на рекорди.


„Уште како дете знаев дека имам способност да станам голем фудбалер. Секогаш велев дека една од најважните работи за успех е тренингот. Затоа тоа го правам секој ден веќе 49 години. Секојдневно тренирам два или три часа на ден, шест дена во неделата. Сличен сум на „Роналдо по професионализам“, изјави Кармона.


„Иако основната плата не ми е доволна за живот, имам и други извори на приходи поврзани со спортски права и учество на настани. Во животот имам одиграно повеќе од 2.000 натпревари, а на почетокот од новата година ги анализирам можностите кои ми се на располагање. И понатаму можам да играм 90 минути, како што играв во 95 отсто случаи во мојата кариера“, додаде тој.

На крајот Кармона заклучи дека прекинот на соработката со клубот Нуево Касабо дошол како последица на проблеми со повредите, а не поради слабите перформанси.