Лекаи со тешки зборови за македонските фанови: Нашиот голман може да ви каже што му правеа

Дерби

17/01/2025

11:27

921

Големина на фонт

а а а

Македонската ракометна репрезентација може да биде горда со настапот против Унгарија и начинот на кој го отвори Светското првенство во својата група која се игра во Вараждин.

И додека нашите момци се концентрираат на денешниот противник Холандија, Унгарците продолжуваат да наоѓаат изговори за фактот што не успеаја да ја оправдаат фаворитската улога и се извлекуваа од пораз во последните секунди од мечот.

Искусниот Мате Лекаи против Македонија имаше настап кој ќе сака што побргу да го заборави, а во изјава за унгарските медиуми испратил многу критики за македонските фанови во Вараждин.

– Македонија имаше голема поддршка во салата, што не беше изненадување.

– Се сеќавам на олимписките квалификации во Гетеборг, имаа поддршка од 6.000 фанови, тие се гласни и имаат специфични навики на кои треба да се навикнеш.

– Кутриот Кристоф Палашич (голманот на Унгарија) може да ви каже како го плукале, му истурале вода и пиво и го мавале со монети во второто полувреме. Не е пријатно да си во нивна близина и да се браниш, – рекол Лекаи.

Еден од најискусните унгарски репрезентативци не застанал тука, па дел од вината за ремито ја префрлил и на судиите.

– Македонците имаа јасна тактика да го успорат темпото и да прават многу прекини. За жал, судиите им беа партнери во оваа тактика, им дозволуваа да напаѓаат долго и да добијат многу додавања и кога беа пасивни. Не ни беше лесно да се адаптираме на овој стил, а за жал на крајот успеавме да дојдеме само до реми, – потенцирал Лекаи.