Роже Тибервил, метеоролог и наследник на имот во Париз, никогаш во својот долг живот од 91 година не го посетил градот Тибервил во Нормандија, кој му го дал презимето.
Иако немал потомци, неговата последна желба изненади многумина. Кога починал во август, оставил поголем дел од своето богатство, проценето на 10 милиони евра, на овој мал град со 1.773 жители, пишува „Гардијан“.
Градоначалникот на Тибервил, Ги Пари, добил телефонски повик со веста за неочекуваното наследство, кое е петкратно поголемо од годишниот буџет на општината.
„Ова е неверојатна сума, која ги надминува и најлудите соништа“, изјавил Пари за локалната радиостаница.
Пари ветил дека средствата ќе се користат внимателно и одговорно, според долгогодишната пракса на управување со општинските средства. Првиот чекор е отплатата на банкарскиот кредит од над 400.000 евра, искористен за изградба на ново основно училиште. Благодарение на статусот на општината како јавна установа, Тибервил нема да плаќа данок на наследството.
Иако единствената врска на Тибервил со градот е неговото презиме, градоначалникот открил дека тој живеел скромно во Париз, каде поседувал четири станови. Единственото што го побарал е неговата пепел да биде положенa во спомен-обележје на општинските гробишта.
„Не побара ништо за возврат, но му должиме барем толку“, истакнал Пари.
Тибервил, мал град со замок од 19. век и поранешна фабрика за ленти, не се издвојува многу од останатите општини во Нормандија. Но сега, со ова наследство, жителите планираат проекти како реновирање на основното училиште, изградба на градска градина, синтетички фудбалски терен и соларни панели.
Додека Тибервил слави, соседните села Л Плонке и Ла Шапел-Аронг жалат за одлуката да не се обединат со градот, бидејќи тоа би им донело дел од ова неочекувано богатство. За нив, оваа можност сега е засекогаш изгубена.