Симон де Бовоар: Феминистката која му напиша 112 писма на својот љубовник Жан Пол Сартр

Точка

11/01/2025

20:32

1.170

Големина на фонт

а а а

Симон де Бовоар беше француска писателка, авторка на многу романи, есеи и мемоари, проткаени со духот на егзистенцијализмот. Таа е родена на денешен ден, во далечната 1908 година. Својот живот го започнала и го завршила во градот на светлината – Париз.

Починала на 78-годишна возраст, како последица на пневмонија. Нејзиното вечно почивалиште се наоаѓа во гробиштата Монпарнас, а закопана е покрај нејзината најголема љубов – францускиот филозоф Жан Пол Сартр, пишува „24 седум“.


Пишувајќи за нејзината младост во „Мемоарите на една добро одгледана девојка“, Де Бовоар зборува за влијанијата што ѝ го обликувале животот.

„Индивидуализмот на татко ми и паганските етички стандарди беа во целосна спротивност со крутиот морален конвенционализам на мајка ми. Оваа нерамнотежа, која ми го направи животот еден вид бескраен спор, е главната причина поради која станав интелектуалец“, пишува таа.

Најважната врска во животот ѝ била онаа со филозофот Жан Пол Сартр. Тие двајца никогаш не стапиле во брак, но речиси целиот свој живот го поминале заедно, со повремени врски и со други луѓе.

На тој начин, тие излегле од тогашниот стереотипен шаблон за тоа како треба да изгледа и да функционира еден љубовен пар. Како што пишува „Би-би-си рил“, тие станале еден од првите т.н. модерни парови, кои дале пример дека постојат и други видови емотивни заедници. Во 1929 година, тие се договориле да бидат пар, но без обврска да си бидат верни, барем кога станува збор за сексуалните партнери.

Тие го одржале ова ветување и останале заедно 50 години, односно сѐ додека смртта не ги разделила. Во меѓувреме, тие имале повеќе потврдени и непотврдени врски со други луѓе.

На пример, Де Бовоар имала афера со 18 години помлад љубовник, кому му напишала 112 писма. Во едно од нив, кое го објави францускиот „Монд“, таа му напишала:

„Драго мое дете, ти си мојата прва апсолутна љубов, онаа што се случува само еднаш во животот или можеби никогаш. Мислев дека никогаш нема да ги изговорам зборовите што ми доаѓаат природно сега кога ќе те видам – ​​те обожавам. Те обожавам со целото мое тело и душа… Ти си мојата судбина, мојата вечност, мојот живот“.


Исто така, нејзиниот живот го обележала уште една врска, овојпат со жена – Силви ле Бон де Бовоар. Таа ѝ била придружничка цели 25 години и била нејзина посвоена ќерка.

Приказната за тоа како феминистичката филозофка, тогаш во своите педесетти години, ја запознала младата апсолвентка по филозофија од Рено, која била триесет и три години помлада, е вредна за роман. Силви ле Бон имала само 17 години кога првпат ѝ напишала писмо на Де Бовоар, во кое го искажала својот восхит кон нејзиното дело и во кое ја искажала својата желба да ја запознае.

Подоцна, кога се запишала на студии во Париз, Де Бовоар ја повикала младата студентка во нејзиниот дом – двокатно уметничко студио во арт-деко зграда на улицата Виктор Челшер, во 14. арондисман на Париз.

„Многу луѓе ѝ пишуваа, посебно млади жени, а особено студентки по филозофија како мене. Таа на сите им одговараше“, раскажала Ле Бон.


о четвртиот том од нејзините мемоари, со посвета „На Силви“, Де Бовоар пишува дека во тоа време верувала дека „оттогаш, па натаму, не може да се случи ништо важно, освен несреќа“. Појавата на Ле Бон во нејзиниот живот, пишува таа, била „среќен настан“, иако нејзината гостинка изгледала „многу исплашено“ и „многу нервозно“.

„Бев многу исплашена, но таа успеа да ме опушти и почна да ми поставува прашања за моето студирање и за моето семејство. Бев многу трогната од нејзиниот интерес и многу добро се сеќавам на таа прва средба“, се присетила Ле Бон де Бовоар.

Пред да умре во април 1986 година, еден ден пред шестгодишнината од смртта на Сартр, Симон де Бовоар, која никогаш не се омажила и немала деца, формално ја посвоила Ле Бон за да може да ѝ ги остави во наследство нејзините книжевни дела. Ле Бон де Бовоар, која тогаш го добила тоа презиме, вели дека посвојувањето било извршено поради законски, а не поради семејни односи.


„Нашиот однос воопшто не беше мајка-ќерка однос. Ме посвои за да можам да се грижам за нејзините дела откако ќе умре. Тоа што беше толку постара од мене ги натера луѓето да ја доживуваат како моја мајка. На почетокот, тоа ме нервираше, но сега го прифаќам. Веќе не е толку важно“, изјавила Ле Бон.

„Бев покрај неа дваесет и пет години и таа ми веруваше. И покрај разликата во годините, ние бевме пријателки – рамноправни пријателки. Имаше љубов, многу силна љубов, а од моја страна имаше и големо воодушевување кон неа“, додала таа.