[ФОТО/ВИДЕО] Најневообичаениот мост во светот: Не е кружен тек – се вози во круг, а многумина не знаат зошто

Точка

13/01/2025

17:41

1.637

Големина на фонт

а а а

Мостот кој ги поврзува бреговите на лагуната Гарзон во Уругвај можеби е најневообичаениот во светот. Иако беспрекорно ја извршува својата функција, многу луѓе се изненадени од неговата форма. Имено, наместо лагуната да ја преминува на најкраток можен начин, односно по права линија, овој мост над неа прави круг.

Сообраќајот по кружниот мост не е организиран како во кружен тек, туку едноставно двата коловози, по еден за секој правец, се одделуваат при пристигнувањето до мостот и по полукругот, повторно се поврзуваат и продолжуваат да сообраќаат паралелно.


Зошто (во) круг?

Невообичаен и фотогеничен, овој мост ги воодушевува социјалните мрежи веќе една деценија, а беше дизајниран од страна на компанијата „Rafael Viñoly Architects“ со неколку цели на ум. Првата, се разбира, беше да се овозможи брз премин на автомобилите преку лагуната. Пред изградбата на мостот, тоа се изведуваше со помош на моторизирани скелиња кои можеа да примат само по едно возила, така што доаѓањето до другата страна на лагуната беше многу побавно и покомплицирано.



Втората цел беше да се зачува биолошката разновидност, а кружната форма се покажа како добро решение за тоа. Имено, прстенестата структура на мостот овозможува делот од лагуната под мостот да биде изложен на сончева светлина и да не биде постојано во темница. Лагуната Гарзон е област од големо орнитолошко значење, таа е дом на бројни видови птици, вклучувајќи го и чилеанското фламинго, како и загрозените водоземци како што е Дарвиновата жаба.



Третата причина зошто овој мост е кружен е безбедноста. Излегувањето од пристапниот пат во огромна кривина ве принудува да забавите, додека рамниот, прегледен пат „ги поттикнува“ возачите да ја притиснат педалата за гас и да возат побрзо отколку што треба. И, конечно, иако на возачите тоа не им се допаѓа, патниците повеќе ќе уживаат во погледот на лагуната при побавна брзина, а исто така на рабовите од мостот постојат и места за седење, уживање и рибарење.


Изградбата на овој атрактивен мост, која чинеше повеќе од 10 милиони евра, започна во септември 2014 година, а мостот беше отворен за јавноста на крајот од 2015 година. Изработен е од повеќе од 450 тони железо и три и пол илјади кубни метри бетон. Дијаметарот на прстенот е 202 метри, а мостот е доволно висок за да овозможи непречена пловидба под него.

Освен што ги поврзува уругвајските региони Роча и Малдонадо, мостот Лагуна Гарзон стана вистинска туристичка атракција, како и омилено место за рекреација за жителите кои сега можат да пешачат, да возат велосипед и да уживаат во буквално 360 степени панорамскиот поглед над лагуната.