Во самото срце на Милано, на Пјаца Афари, плоштадот каде што се наоѓа седиштето на Италијанската берза, вниманието на минувачите веќе петнаесет години го привлекува контроверзната скулптура која успеа да ја подели јавноста и да предизвика серија на бурни реакции.
Имено, скулптурата прикажува рака со подигнат среден прст, универзалниот светски симбол на пркос и бунт. Оваа уметничка провокација носи јасна порака – силно и недвосмислено „еб*ете се“ насочено кон светот на банкарите, директорите и финансиските елити и нивното влијание врз општеството.
Скулптурата ги провоцира набљудувачите да размислуваат за современите социјални и политички прашања
Кога во 2010 година италијанскиот уметник Маурицио Кателан ја поставил скулптурата во центарот на финансиската област на Милано година, малкумина можеле да претпостават какво влијание ќе има ова контроверзно уметничко дело врз градот и пошироката заедница. Наречена „L.O.V.E.“, скулптурата на прв поглед може да сугерира романтична идеја за љубовта, но реалноста е многу повеќеслојна и попровокативна. Имено, зад акронимот „L.O.V.E“ се крие иронична игра на зборови – libertà, odio, vendeta, eternità (слобода, омраза, одмазда, вечност). Секој од овие зборови ги одразува основните емоции и социјалните тензии кои Кателан често ги истражува во своите дела.
Иако првично било планирано скулптурата да остане на Пјаца Афари само неколку недели, јавноста и медиумите покажале огромен интерес за ова дело. Неговата симболика предизвикала бројни дискусии, па градските власти одлучиле „L.O.V.E“ да остане на плоштадот на неодредено време. Денес тој е незаменлив дел од културниот идентитет на градот и симбол на несогласувањата со капиталистичките структури.
Авторот никогаш не го коментирал своето дело
Маурицио Кателан никогаш не го коментирал значењето на неговото најконтроверзно дело. Но, како што пишува „Atlas Obscura“, многумина сметаат дека скулптурата е одговор на економската криза од 2008 година, која силно ја погоди Европа, особено Италија. На еден начин, овој симбол на пркос делува како остра критика на финансискиот систем и корпоративната алчност.
Статуата „L.O.V.E“ продолжува да предизвикува контроверзии повеќе од една деценија откако што беше поставена пред зградата на италијанската берза. Начинот на кој луѓето ја доживуваат дополнително ја разгорува дебатата. Имено, некои забележале дека доколку не се отсечени прстите, скулптурата би го отсликувала злогласниот фашистички поздрав. Оваа интерпретација отвора простор за политичка симболика, што е особено интригантно со оглед на тоа што зградата Палацо Мезаноте, во која се наоѓа берзата, изворно е изградена во фашистичката ера како монументален израз на идеологијата од тоа време.
Популарна туристичка атракција
Плоштадот Пјаца Афари не е типична туристичка дестинација. Сепак, оваа необична скулптура го привлекува вниманието на минувачите и туристите кои често скршнуваат од своите рути за да го видат во живо контроверзното уметничко дело. Многумина застануваат, се фотографираат и се смеат на провокативната порака, која му пркоси на сериозниот тон на финансискиот свет.