Истражувањата во изминатите 12 месеци истакнаа три јасни фактори кои се поврзани со поздрав и подолг живот, а тоа се: исхрана, вежбање и социјален живот.
Кога станува збор за исхраната, научниците велат дека помалку консумирање црвено месо, избегнување сол и доследно следење на медитеранската исхрана е патот до долговечноста.
Потоа, тука е физичката активност: дури и секојдневната прошетка може да го продолжи животот, покажуваат истражувањата.
Конечно, грижата за социјалниот живот е исто така важна за долговечноста: луѓето кои се хронично осамени и оние кои се социјално изолирани се соочуваат со поголем ризик од рана смрт, покажуваат сè поголем број научни докази.
Донесувањето здрави одлуки во врска со овие три фактори може да биде клучно за подолг и поквалитетен животен век, а бидејќи никогаш не е доцна да се започне со позитивни промени, сега е добар момент здравјето да ви стане главен приоритет.
Како исхраната може да го продолжи животот?
Одамна е јасно дека исхраната е клучна за сите аспекти на здравјето, а има сè поголем број истражувања кои покажуваат дека одредени начини на исхрана можат да ја зголемат долговечноста.
Многу од спроведените истражувања го поврзуваат консумирањето на црвено месо со развојот на неколку хронични состојби, вклучително и рак на дебелото црево како и други видови на рак, дијабетес тип 2, кардиоваскуларни болести и деменција.
Затоа, веројатно не изненадува истражувањето објавено минатиот април, а кое покажа дека замената на црвеното месо во исхраната, како што е говедското со риба може да спречи меѓу 500.000 и 750.000 смртни случаи до 2050 година.
Друго важно прашање поврзано со здравата исхрана е количеството на сол во храната – помали количества на кујнска сол во јадењата може да помогне да се намали ризикот од смрт од кардиоваскуларни болести.
Прегледот на доказите објавени во списанието „Nutrients“ во август 2024 година, покажува дека повременото постење, медитеранската исхрана и кето диетата даваат придобивки во однос на забавувањето на процесот на стареење. Според експертите, се чини дека овие диети имаат позитивен ефект врз телесните механизми поврзани со обновувањето на клетките и метаболизмот.
„Препорачувам зеленчук, овошје, скроб – како интегрални житарки, мешунки и компири – како и немасни протеини, мрсни риби и растителни масти како јаткасти плодови, семки, авокадо, маслинки и маслиново масло. Јадете помалку ултра-обработена храна, како и помалку масно месо вклучувајќи сланина и колбаси, помалку шеќер и други рафинирани јаглехидрати“ советува Моли Рапозо, диететичар – нутриционист од Калифорнија.
Вежбањето го забавува стареењето
Друга клучна навика за долговечност, како што повеќепати покажале истражувањата, е физичката активност.
Една неодамнешна студија покажа дека ако поединците постари од 40 години пешачат секој ден, би можеле да го продолжат својот животен век за пет години.
„Овие здравствени придобивки се најзначајни за лицата кои инаку се физички неактивни, бидејќи дури и мало зголемување на физичката активност значително го намалува ризикот од незаразни болести и прерана смрт“ вели Рајан Глат, виш тренер за здравје на мозокот од Калифорнија.
Практикувањето физичка активност ја зачувува густината на коските, ја подобрува силата, ги намалува телесните масти и го подобрува кардиоваскуларното здравје. Исто така, може да доведе до подобрување на расположението и когнитивните функции.
Според истражувањето на животински модели претставено на американскиот самит на физиологија во Лон Бич, Калифорнија, повеќе вежбање е поврзано со помало оштетување на ДНК во клетките кои ги обложуваат крвните садови. Ова, според студијата, може да објасни како аеробик вежбите помагаат во заштитата на кардиоваскуларното здравје.
Вежбањето исто така може да помогне да се промени текот на стареењето со намалувањето на акумулацијата на маснотиите во мускулното ткиво, според истражувањето спроведено и кај моделите на глувци и на луѓе, чии резултати беа објавени во списанието „Nature Aging Trusted Source“ во април 2024 година.
Активниот социјален живот е клучот за долговечноста
Истражувањата постојано покажуваат дека квалитетот на социјалниот живот е исто така фактор за долговечноста. Постојат многу научни докази кои ја поврзуваат осаменоста со поголем ризик од хронични болести и рана смрт, а неодамнешните студии додадоа уште докази.
Студијата објавена ова лето во списанието „The Lancet’s eClinical Medicine“ покажа дека постарите луѓе кои се чувствуваат хронично осамено се соочуваат со зголемен ризик од мозочен удар.
Поточно, учесниците во студијата кои пријавиле дека се чувствуваат осамени имале дури 25 отсто поголем ризик од мозочен удар, во споредба со врсниците кои имале подобар социјален живот.
Во една студија објавена на почетокот од минатата година во списанието „JAMA Network Open“, беше заклучено дека намалувањето на социјалната изолација може да го намали ризикот од смртност, особено кај луѓето со дебелина.
„Намалената физичка активност, прејадувањето, консумирањето ултра-преработена храна, зголемениот внес на алкохол, зголемената употреба на цигарите и/или лековите, неземањето терапија и лошиот квалитет на сонот се фактори кои придонесуваат за зголемен ризик од мозочен удар кај луѓето кои се чувствуваат хронично осамено“ изјави д-р Џејн Морган, кардиолог од Џорџија.