Замената на кравјото млеко со растителното би можела скапо да ве чини – но не само парично

Точка

03/01/2025

13:46

2.340

Големина на фонт

а а а

Алтернативните млека од растително потекло, направени од бадем, соја, овес и ориз, никогаш не биле попопуларни од сега. Меѓутоа, една нова студија покажува дека префрлањето од животинско на млеко од растително потекло не носи само економски туку и нутритивни трошоци.

Италијански и дански истражувачи од Универзитетот во Бреша и Универзитетот во Копенхаген спроведоа истражување за да ги испитаат ефектите од ултрапастеризацијата врз хранливата вредност и квалитетот на десет различни млека од растително потекло во споредба со два вида животинско млеко.


Ултрапастеризацијата вклучува загревање на течна храна на повеќе од 140 Целзиусови степени за неколку секунди со цел да се стерилизира содржината и да се продолжи рокот на траење. Меѓутоа, овој процес може да предизвика хемиски промени кои влијаат врз хранливата вредност на производот.

„Растителното млеко веќе содржи значително помалку протеини во споредба со кравјото млеко. А кога тој протеин, кој е во мали количини, се загрева, тој дополнително се менува“, објаснува Маријане Нисен Лунд од Универзитетот во Копенхаген.

Ова доведува до намалување на есенцијалните аминокиселини, кои се од клучно значење за човечкото тело.


„Иако хранливата содржина на растителните пијалаци може да варира, повеќето од нив имаат релативно ниска хранливост“, додава Лунд.

Растителните млека бараат значителна обработка за да се трансформираат состојките од растително потекло во производ сличен на млекото. Тим на научници ги истражуваше производите на Мејaровата реакција, именувана по францускиот биохемичар Луис Камил Мејар.

Во 1912 година, тој откри како аминокиселините и шеќерите реагираат на високи температури, создавајќи сложени хемиски реакции. Производите формирани од оваа реакција можат да ја намалат хранливата вредност, одземајќи ги клучните аминокиселини.


Млекото од соја е единствениот растителен пијалак кој содржи повеќе протеини од кравјото млеко, но дури и тоа има помалку протеини од повеќето други алтернативи од растително потекло. Од друга страна, кравјото млеко содржи повеќе аминокиселини од повеќето растителни млека.

Научниците исто така откриле дека некои растителни млека содржат одредени загрижувачки супстанции, иако во многу мали количества, а меѓу нив се канцерогениот акриламид и реактивниот хидроксиметилфурфурал.

„Бевме изненадени кога откривме присуство на акриламид, бидејќи тој обично не се наоѓа во течните производи. Можен извор се печените бадеми, кои се користат во еден од тестираните производи“, вели Лундова.