Во зимскиот период и кучињата треба да ја сменат исхраната: Што треба да јадат, а што да избегнуваат

Точка

25/12/2024

19:03

805

Големина на фонт

а а а

Зимата носи студ, снег и пократки денови, но и посебен предизвик за сопствениците на кучиња – како да се осигурат дека нивното домашно милениче добива соодветна исхрана која ќе му помогне да остане здрав, енергичен и загреан во постудените месеци? Како и кај луѓето, нутритивните потреби на кучињата можат да се променат со доаѓањето на постуденото време, а правилната исхрана е од суштинско значење за нивното здравје и благосостојба.

Постудените услови бараат повеќе енергија за кучињата да ја одржат телесната температура, особено ако поминуваат многу време на отворено. Кучињата кои се активни во текот на зимата или живеат на отворено трошат повеќе калории, додека домашните миленици кои се помалку активни имаат потреба од помалку калории за да го избегнат дебелеењето, пишува „Mirror“.


Најдобар избор на храна за зимските месеци

Протеини за енергија и здравје

Протеините се клучна состојка во исхраната на кучињата, а особено во зима. Храната богата со квалитетни извори на протеини, како пилешко, говедско, мисиркино месо или риба, даваат енергија и помагаат во одржување на мускулната маса. Ако вашето куче јаде сува храна, размислете за додавање на конзервирана храна за да го зголемите внесот на протеини.

Здрави масти за дополнителни калории

Мастите се одличен извор на енергија и им помагаат на кучињата да ја одржуваат телесната температура. Додавањето мрсна риба, како лосос, или додатоци од рибино масло може да го подобри здравјето на кожата и влакното и да го поддржи имунолошкиот систем.


Јаглехидрати за дополнителна енергија

Квалитетните јаглехидрати, како кафеав ориз, овесна каша или слатки компири, обезбедуваат долготрајна енергија и им помагаат на кучињата кои се активни на студ. Сепак, внимавајте да не претерате со јаглехидратите за да го избегнете дебелеењето.

Додатоци во исхраната за зајакнување на имунитетот

Додатоци како што се омега-3 масни киселини, витамини Е и Ц и пробиотиците можат да го поддржат здравјето на имунолошкиот систем, што е особено важно во зима кога кучињата се повеќе склони кон настинки и инфекции.


Топли оброци за дополнителна удобност

Топлата храна, како домашна супа за кучиња направена со месо и зеленчук (без кромид и лук), може да биде одлична опција за студените денови. Топлите оброци не само што обезбедуваат удобност, туку можат да им помогнат на кучињата кои поминуваат многу време на отворено.

Храна која треба да се избегнува во зима

Исто како и во остатокот од годината, одредена храна е забранета за кучињата. Избегнувајте чоколадо, суво грозје, кромид, лук и солена храна. Исто така, внимавајте на порциите бидејќи во кучињата во зима вообичаено се помалку активни што го зголемува ризикот од прекумерна тежина.


Совети за безбедна исхрана во зима

Адаптирајте го количеството на храна: Ако вашето куче поминува повеќе време на отворено, зголемете ги оброците за 10-20%, додека за помалку активните кучиња, намалете го внесот на калории.

Одржувајте ја хидратацијата: И покрај тоа што е ладно, на кучињата им треба доволно количество на вода, па така погрижете се нивниот сад секогаш да има свежа вода.

Проверете ја тежината: Редовно следете ја телесната тежина на вашето куче за да спречите дебелина или прекумерно губење на тежината.