Мистеријата на ноќниот остров на тишината покрај Дубровник: „Не земај ништо од Локрум...“

Точка

04/07/2025

18:48

786

Големина на фонт

а а а

Островот Локрум, кој се наоѓа во близина на Дубровник, е исполнет со природна убавина, богата историја и мистични легенди. На ноќниот остров на тишината, како што често го нарекуваат локалците, нема постојано население, ниту пак можност за преспивање. Последниот чамец испловува пред самракот, а на ретките кои одлучиле тајно да останат на островот преку ноќ, ноќните крикови на пауните им втерале страв во коски.

Дубровчаните до ден денес веруваат дека е несреќа да се земе дури и едно ливче од островот или пердув од паун, дека тоа носи неволја.

„Не земај ништо од Локрум. Ни перце од паун, ни ливче скинато во ботаничката градина, бидејќи она што си го зел од островот му носи несреќа на новиот сопственик.“


Ова е совет на бројни дубровчани, понекогаш поттикнат од празноверие, а понекогаш од почит кон еден од најубавите острови на Јадранот.

Проклетството на бенедиктинските монаси

Според легендите островот го проколнале бенедиктанците, неговите први сопственици, (околу 1023 година основале манастир и живееле на Локрум до 1798), и тоа откако од него ги избркала дубровничката власт.


Церемонијата на проколнувањето изгледала така што опатите цела ноќ кружеле на површината на островот со наопаку поставени запалени свеќи и изговарале:

Нека е проклет секој кој ќе го земе Локрум за лично уживање.

Бабичките велат дека проклетството може да се отфрли само ако се собере целиот искапен восок, што само по себе е прилично невозможно.

По ова, повеќето сопственици доживеале трагедија: смртни случаи, полудувања, исчезнувања и други несреќи.


Кога Лудвиг Втори Баварски дошол да преноќи на островот, по враќањето оттаму бил прогласен за луд и симнат од престолот.

Ништо подобро не поминал ни надвојводата Максимилијан кој престојувал на Локрум заедно со сопругата Шарлота. Од Локрум се упатил во Мексико и се прогласил за цар, но многу брзо бил уапсен и осуден на смрт. Шарлота прво доживеала бродолом во близина на островот, а потоа полудела и умрела во дворецот Мирамара.


Сопственик станува престолонаследникот Рудолф кој на островот ја донел свршеницата Стефани. Приказните зборуваат за земјотрес и огромни бранови за време на нивното доаѓање, а во 1889 година Рудолф додека престојувал на Локрум засадил ботаничка градина, а неколку месеци подоцна во дворецот Маерлинг ја убил својата љубовница и се самоубил.

Но ниту овие непријатни околности не послужиле како добра лекција.


Франц Фердинанд го резервирал Локрум за летување, но пред тоа одлучил да оди во службена посета на Сарево каде што му бил извршен атентат.


Наводно на Локрум бил и англискиот крал Ричард Лавовско срце. На враќање од крстоносните војни го снашло силно невреме и според легендата, спас нашол на островот. Во знак на благодарност на Дубровник му подарил златници кои сакал да ги потроши на изградба на локрумска црква. Граѓаните го убедиле дека подобра идеја е да изградат црква во Дубровник и му ветиле дека ќе обезбедат и една на островот.