Омерагиќ ги седна Пандев и Милевски на иста маса: Националниот интерес мора да биде во прв план

Дерби

24/12/2024

20:42

1.014

Големина на фонт

а а а

Масар Омерагиќ реши цврсто залагање за соединување на сити сили за доброто на македонскиот фудбал, а една од првите мисии на претседателот на Фудбалската Федерација беше онаа да ги седне на иста маса Горан Пандев и Благоја Милевски.

Првиот човек на ФФМ го именуваше легендарниот капитен за нов спортски директор на сите фудбалски репрезентации во нашата земја, но од друга страна му изгласа и доверба на актуелниот селектор кој беше именуван од претходното раководство во Федерацијата.


Целта на заедничкиот состанок кој го одржале тројцата било отворено и конструктивно да се зборува за сите актуелни теми и важни настани поврзани со најсилната македонска репрезентација, па јасно е дека еден од приоритетите ќе биде да се вратат во националниот тим клучни играчи како Стефан Ристовски и Аријан Адеми.

– Имавме отворен и пред се искрен разговор. Претседателот на Федерацијата ја повтори искажаната поддршка за работата на А македонската репрезентација. Со Горан се согласивме дека репрезентацијата секогаш треба да биде над сите нас. Тоа е национален интерес и секогаш ќе биде во прв план. Сите треба да се ставиме во функција на тоа и на Македонија. Се надевам дека ќе имаме добра соработка во интерес на тимот, но и на сите кои ја поддржуваат македонската репрезентација, – гласи изјавата на Милевски.

– Драго ми е што отворено разговаравме за тоа што може да биде подобро во иднина и дека заедно ќе се стремиме да одиме напред кон нови победи. Заедно со претседателот Омерагиќ ни беше важно да разговараме отворено со селекторот за сите теми и му благодарам што го сфати она што го сметаме за правилно, а тоа е дека како мала држава мораме да се потпреме на сите расположливи сили и фудбалерите кои имаат квалитет мора да помогнат и со настапи во репрезентацијата. Секако, доколку тоа го заслужуваат. Верувам дека ги решивме сите такви прашања и се радувам на новите предизвици – , посочува Пандев.