Македонската ракометна репрезентација го стартуваше четвртиот ден од подготовките во Стара Пазова, па денеска дојде ред да се огласи и еден од поискусните играчи во тимот на Кирил Лазаров.
Филип Кузмановски се врати да игра во македонската Прва лига со цел да биде во играчки и натпреварувачки ритам, а како лидер на тимот на Еурофарм Пелистер, за него дефинитивно имаше место во тимот кој го одреди селекторот.
Сведочејќи за атмосфера која владее во тимот, Кузмановски апострофира дека сите се мотивирани за големиот предизвик кој следи на Светското првенство, натпреварување на кое Македонија во групната фаза ќе игра со Унгарија, Холандија и Гвинеја.
– Расположението и мотивацијата се на највисоко ниво. Пред нас е уште едно големо првенство. Сите знаеме колку беше тешко да дојдеме до него и колку сите напорно работиме за да бидиме дел од овој колектив.
– Од прв ден почнавме со анализа на нашите противници. Ќе се соочиме со квалитетни репрезентации, мораме да бидеме добро подготвени, и физички и тактички. Ќе имаме доволно време да се спремиме до стартот на првенството. Во следниот период ќе одиграме и контролни натпревари на кои ќе можеме да го пробаме сето она што го подготвуваме за нашата група, – порачува Кузмановски.