Најздравиот појадок за жените: Лесен за подготовка, нутритивен и идеален за секој ден

Точка

02/12/2024

16:05

7.234

Големина на фонт

а а а

Појадокот е најважниот оброк во денот, особено за жените кои сакаат да ја одржат својата енергија, здравјето и виталноста.

Нутриционистите препорачуваат избалансирани оброци кои ги задоволуваат потребите на телото без да предизвикаат зголемување на тежината. Важен е балансот меѓу протеините, здравите масти, сложените јаглехидрати, како и доволниот внес на витамини и минерали.

Во продолжение, ви претставуваме листа на идеи за здрави и практични оброци кои можете лесно да ги подготвите дома и дури да ги понесете на работа.

Најздрави опции за појадок според нутриционистите

1. Омлет со зеленчук:

Омлетот е одличен извор на протеини кои помагаат за регенерација на мускулите и обезбедување на енергија. Направете омлет од 2 јајца и додајте зеленчук како печурки, брокула, црвен пипер или спанаќ. Овој оброк е полн со хранливи состојки и многу лесен за подготовка.


2. Грчки јогурт со чиа семиња, јаткасти плодови и бобинки:

Грчкиот јогурт е богат со протеини и калциум, а во комбинација со чиа семињата и бобинките обезбедува антиоксиданти и здрави масти. Може да го подготвите за само неколку минути и да го понесете со себе во стаклена тегличка.

3. Овесна каша со јаболко и цимет:

Овесот е богат со растителни влакна кои го одржуваат варењето и даваат чувство на ситост. Додајте рендано јаболко, малку цимет и протеин во прав за дополнителен вкус и енергија.


4. Тост со авокадо или путер од кикирики:

Интегралниот тост со свежо авокадо или путер од кикирики е брз и хранлив избор за појадок. Авокадото обезбедува здрави масти и калиум, додека путерот од кикирики дава енергија и протеини. За дополнителна слаткост, можете да додадете парчиња банана.

5. Леќа со зеленчук:

Леќата е одличен извор на растителни протеини и железо. Комбинирајте ја со варен зеленчук, малку сирење и варено јајце за комплетен, балансиран појадок.


Креативни рецепти за здрав појадок

Бурито за појадок:

Буритото е совршен избор за оние кои сакаат комплетен оброк што може да се јаде „во движење“.

Состојки:

• 1/2 авокадо

• 1 јајце

• 7 чери домати

• 50 гр печурки

• 1 интегрална тортиља

• 30 гр тиквички

• 50 гр пиперка


Подготовка:

1. Загрејте малку маслиново масло и пропржете ги тиквичките, пиперката, чери доматите и печурките.

2. Додајте јајце и мешајте додека не се испржи.

3. Ставете ја смесата во тортиљата, додадете свежо авокадо, зачинете и замотајте. Овој оброк е совршен за носење на работа.

Каша од киноа со малини:

Оваа каша е богата со растителни протеини, витамини и минерали, совршена за одличен почеток на денот.

Состојки:

• 75 гр киноа

• 25 гр овес

• 80 мл сок од портокал

• 120 мл бадемово млеко

• 5-6 малини

• 2 јаболка


Подготовка:

1. Во тенџере, сварете киноа и овес со 250 мл вода и 100 мл бадемово млеко.

2. Додајте сок од портокал и продолжете со варење додека не добиете кремаста текстура.

3. Сервирајте со парчиња јаболка, свежи малини и малку мед.

Мафини од тиквички:

Мафините од тиквички се вкусен и практичен избор за појадок кој може да се подготви однапред и да се чува неколку дена.

Состојки:

• 2 јајца

• 100 гр пченкарно брашно

• 1 рендана тиквичка

• Малку грчки јогурт

• Малку прашок за пециво

• Семки од тиква


Подготовка:

1. Измешајте ги јајцата со ренданите тиквички, брашното, грчкиот јогурт и прашокот за пециво.

2. Ставете ја смесата во калапи за мафини и одозгора наросете семки од тиква.

3. Печете во претходно загреана рерна на 180°C околу 20 минути.