Хулиганите во Белград уште еднаш приредија грд вовед за натпреварот од Лигата на шампионите, а овојпат ги нападнаа навивачите на Штутгарт кои вечерва гостуваат кај Црвена Звезда во рамките на 5то коло.
Навивачите на Штутгарт кои претходно пристигнаа во Белград се „загреваа“ за натпреварот во белградските кафулиња, а потоа беа нападнати од членовите на навивачката група „Делии“ кои ја поддржуваат Црвена Звезда.
На социјалните мрежи брзо се појавија снимки од судирот, а очевидците велат дека нападнатите навивачи зборувале на турски и германски јазик.
„Според неофицијални информации, триесетина навивачи на актуелниот српски шампион налетале на група навивачи на Штутгарт, кои го прифатиле повикот за „фер“ пресметка. Наводно, навивачите на германскиот вицешампион го извлекле „подебелиот крај“ од оваа пресметка, а на снимките може да се забележи дека еден од навивачите бил жестоко претепан“ пишува српскиот Телеграф.
Според првите информации од Белград, еден од навивачите на Штутгарт е тешко повреден по конфликтот.
Потсетуваме, Штутгарт пред ова гостување ги предупреди своите навивачи за Делиите, нарекувајќи ги насилници и членови на криминални организации.
Инаку натпреварот Црвена Звезда – Штутгарт се игра вечерва од 18 часот и 45 минути.