Водителката Елен Деџенерис и нејзината сопруга Портија де Роси наводно ги напуштиле САД по победата на Доналд Трамп на претседателските избори. Извори блиски до парот открија за ТМЗ дека двете решиле „веднаш да избегаат од земјата“ откако Трамп победи на изборите.
Двојката наводно била „многу разочарана“ од резултатите на изборите и се преселиле во новиот дом во Котсволдс, во југозападна Англија, околу два часа од Лондон. ТМЗ наведува дека куќата ја купиле уште пред претседателските избори. Елен и Портија, кои се венчаа во 2008 година, планираат да го стават на продажба нивниот дом во Калифорнија.
Оваа вест доаѓа откако поддржувачите на Трамп ги преплавија со коментари профилите на социјалните мрежи на Елен Деџенерис, критикувајќи ја по реизборот на поранешниот претседател. „Зарем Елен не кажа дека ќе си замине од земјата ако победи Трамп?“, „Зарем таа веќе не требаше да ја напушти земјата? се само дел од коментарите на нејзиниот профил.
Водителката јавно ја поддржа Камала Харис
Во август, Деџенерис јавно ја поддржа Харис на Инстаграм. „Ништо не е помоќно од жена чиешто време пристигнало! Едвај чекам Камала Харис да стане наша претседателка“, напиша поранешната водителка на ток-шоуто под нејзината објава.
Последната објава на Елен Деџенерис поврзана со изборите беше на 1 ноември, кога таа ги повика своите следбеници да гласаат споделувајќи видео од „The Seneca Project“ за женските движења во САД. „Да гласаме како да нѝ зависат животите од тоа. Затоа што нѝ зависат“, напиша Елен под објавата.