Режисерот Дејвид Линч се соочува со сериозни здравствени проблеми предизвикани од долгогодишното пушење, пишува „New York Post“. Уште во 2020 година му беше дијагностициран емфизем на белите дробови, а денес има потреба од кислород дури и за да се движи. „Едвај можам да се шетам низ собата. Се чувствувате како да имате пластична кеса на главата“, изјави режисерот, кој поради болеста мора да остане дома за да избегне посериозни компликации.
„Пушењето беше значаен дел од мојот живот. Го сакав мирисот и вкусот на тутунот, палењето на цигари. За мене тоа беше составен дел од животот на еден уметник и режисер“, вели Линч, кој почнал да пуши уште на осумгодишна возраст.
„Секој пушач знае дека тоа е штетно, но сепак си играат со огнот. Ја ризикував и се изгорев“, призна режисерот кој сега ги предупредува другите за опасностите од пушењето. Додаде дека неколку пати се обидувал да се откаже од цигарите, но секој пат, кога би се соочил со криза, посегнувал по цигара и продолжувал да пуши. Меѓутоа пред две години конечно ја прекина оваа навика.
„Видејќи ја пораката „ќе умреш за една недела доколку не престанеш“ ја сфатив сериозноста на ситуацијата. Не можев да се движам а притоа да не останам без здив. Откажувањето од пушењето беше единствениот излез“, изјави Линч опишувајќи го животот со емфизем.
Иако цигарите оставија трајни последици врз неговото здравје, Линч не жали за неговите поранешни одлуки.
„Не се каам. Тоа ми беше важно. Како и секој зависник, сакав она што го сакам да не биде штетно“, призна Линч, меѓутоа испрати силна порака до пушачите: „Размислете за тоа. Можете да се откажете од навиката која на крајот може да ве убие. Тоа им го должам и на другите и на себеси“, додаде режисерот.
Што се однесува до неговата кариера, Линч изјави дека доколку е потребно би режирал и од далечина.
Потсетуваме, познатиот режисер зад себе остава богато наследство на филмови со култен статус, како што се „Eraserhead“ и филмовите „Mulholland Drive“, „The Elephant Man“ и „Blue Velvet“.
Неговиот последен голем проект беше „Twin Peaks: The Return“ од 2017 година, продолжение на култната серија од 90-тите. Последниот филм кој го режираше беше „Inland Empire“ од 2006 година.