[ФОТО] Хероите живеат вечно: Во Скопје осамна мурал во спомен на Бобан Трпков, кој потсетува како се љуби и брани татковината

Точка

16/11/2024

13:04

2.092

Големина на фонт

а а а

Во нашиот град, поточно во населбата Драчево, насликан е мурал во чест и сеќавање на некогашниот член на Специјалната Антитерористичка Единица – Тигар, Бобан Трпков.

Да потсетиме, Бобан Трпков е роден 1968 година во населбата Драчево. Учествувал во војната 2001 година во Македонија. Загинува како еден од последните жртви за време на споменатата кризна година кај тетовското село Требош. Настанот се случил кога албанските терористи на 11 ноември 2001 година во околу 19 часот, од заседа поставена на двете страни на патот кон селото Требош, отвориле оган врз возила на МВР.


Улогата на Бобан и останатите убиени во заседата во Требош била да извршат обезбедување на просторот каде што требало да почнат активностите за ексхумација на киднапирани и убиени Македонци. Бобан загинува на 33 годишна возраст заедно со Оливер Петрушевски и Драго Маневски.

По повод овој мурал, Точка се обрати на сопругата на Бобан, Силвана Трпкова, која со задоволство прифати да раскаже повеќе за нејзиниот трагично загинат сопруг и македонската нација се потсети на овој херој кој го даде својот живот за татковината.


Како настана идејата за Мурал посветен на Бобан Трпков и кој е „виновникот“ кој стои зад неа?

Идејата за муралот настана од потребата за почит и сеќавање на Боби кој беше важен дел од нас, како негово семејство јас и двете ќерки Рената и Јана, како и дел од заедницата од нашето општество.

Главен „виновник“-иницијатор сум јас, неговата сопруга, сè разбира со нашите деца, затоа што и покрај тоа што излеавме биста во негова чест исто во населба Драчево пред истоимената месна заедница, спомен-плоча која е поставена на фудбалскиот стадион „ССК“, желбата за сè поголема присутност на неговиот лик тлееше во мене и еве преку муралот ја реализиравме, затоа што секој поглед кон муралот од страна на минувачот чини се поголемо врежување во нашите срца неговиот лик и дело.


Кој го наслика муралот, колку време беше потребно за да биде целосно реализиран и каде точно е лоциран?

Муралот го насликаа млади луѓе со пречиста душа и ангелски раце, со тоа што мислите ми ги претворија во ремек-дело за кое сум им преблагодарна. Тоа се „Форма Куманово“, кои за четири дена нашата замисла ја претворија во емотивна сликовита приказна. Муралот е сместен на ѕидот од зградата во која живеевме со моето семејство во населба Драчево и е видлив за сите што поминуваат оттука, а отспротива во „Паркот на Бранителите“ се наоѓа македонскиот крст.


Што претставува овој мурал за вас како семејство и кое е генералното негово значење?


За нас муралот е симбол на љубов, почит и гордост за сето она што Боби го правеше за нас како татко и сопруг. Муралот е место каде што можеме да се потсетиме на неговата жртва и посветеност за нашата Македонија. На пошироко ниво за општеството, муралот е потсетник за сите нас, за важноста на личната храброст и љубов кон татковината што тој ја гаеше и негуваше.

Раскажете ни за почетоците на Бобан во интервентната единица „Лавови“понатаму во „Специјална единица за брзо распоредување“ и на крај во „Специјалната единица-Тигар“. Што му беше двигател и мотив за оваа професија да биде неговиот животен повик?

• Учеството во воениот конфликт во 2001 година?

 Бобан беше професионалец во своето работење, имаше силна желба да им помага на луѓето воопшто на секое поле и на полето на безбедноста. Боби, мотивиран од патриотизмот и посветеноста на заедницата и министерството за внатрешни работи како дел од неговиот живот, секогаш беше од страната на правдата. Тој во специјалните единици при министерството за внатрешни работи, најде место каде што го изрази својот потенцијал и се покажа како вистински професионалец во редовите на, најпрво единицата „Лавови“, потоа како инструктор и обучувач во единицата за брзи интервенции (ЕБИ), наредно во единицата за брзо распоредување (ЕБР) и единицата за специјални задачи (Тигар), сегашно „САЕ“.


Во 2001 година, тој во редовите на македонската полиција беше директен учесник на браникот на одбрана на својата Македонија, со голема нескротлива храброст и професионалност. Тоа беше тежок период, прво за нашето семејство, а потоа и за целата држава, но неговата посветеност кон татковината беше бескомпромисна. Неговото учество воопшто и постоење е пример како се сака Македонија, тој е нашата гордост, како и сите останати негови колеги кои ги положија нивните животи, а оставајќи ги своите семејства да се борат во ова сурово време.

Секој човек ја има и онаа друга страна од себе, приватноста. Неговото засолниште после сите бури и подеми во кариерата – семејството. По што најмногу го паметите?


Како сопруг и татко колку му дозволуваше слободното време. Бобан беше неверојатно посветен и полн со љубов кон мене и нашите ќерки. Рената имаше 4 ипол години, а Јана само 11 месеци. Тој период беше проследен со многу бури за нашата Македонија, Боби како и останатите колеги беа цело време во приправност на работа, не знаејќи што ги чека наредниот ден и многу често оддалечен од својот дом, но и покрај тоа, тој не дозволуваше да ни недостига. Ќе го паметиме по неговата топлина, смиреност, несебичноста и радоста што ни ја носеше и на 5 минути на поминување колку да не види мене и ќерките. Тој беше инспирација за живот во секој аспект.



Затоа, муралот пренесува порака на љубов, почит и спомени кои никогаш нема да избледат. Ова е потсетник дека луѓето кои ги сакаме засекогаш остануваат со нас, дури и кога физички не се присутни.

Слава му.




Спонзорирани линкови

Маркетинг