Шведските власти наводно побарале да нема банани во собите што ги посетувала министерката за родова еднаквост, бидејќи таа има фобија од ова овошје.
Персоналот кој работи за министерката Паулина Брандберг побарал да се отстранат бананите пред официјалните посети, објави локалниот медиум „Expressen“, повикувајќи се на протечена е-пошта до која тие имале пристап. Брандберг, наводно, објавила на „X Network“ во 2020 година дека ја има „најчудната фобија на бананите во светот“. Објавата оттогаш е избришана.
Тереза Карваљо, шведска политичарка, на „X“ напиша дека и таа има фобија од банана и дека е со Брандберг по ова прашање.
Иако не е вообичаено, луѓето кои имаат фобија од банани може да станат вознемирени и да имаат мачнина кога ќе го видат или мирисаат ова овошје.
Во мејловите, кои наводно биле испратени пред официјалните посети, во кои имало и ВИП ручек, се барало „да нема банани“ во одредени простории и се наведува дека Брандберг имала „тешка алергија“ на овошјето.
Како одговор на „Expressen“, либералната министерка потврди дека станува збор за фобија, но го опиша нејзиното влијание како „вид на алергија“ и „нешто за што добива стручна помош“.
Карваљо, член на парламентот и портпаролка на социјалдемократите за правни прашања, рече дека боледува од истата болест како Брандберг.
„Можеби имавме многу тешки дискусии за работните услови, но за ова прашање сме обединети против заедничкиот непријател“, рече таа во пораката до Брандерберг.
Како и кај многу ретки фобии, тешко е да се утврди причината за фобијата од банана, но експертите велат дека таа често потекнува од детството.