Еве кога ќе почнат да работат камерите на „Сејф сити“: Тошковски обелодени и кои сообраќајни прекршоци ќе бидат регистрирани

Макфакс

14/11/2024

13:21

2.931

Големина на фонт

а а а

Министерот за внатрешни работи во Владата учествуваше во платформата „100 отсто посветено за тебе“, каде што за јавноста во фокус беа мерките и политиките за безбедноста, одбраната и правдата.

Министерот Тошковски уште еднаш потенцира дека бескомпромисната борба со криминалот и корупцијата е еден од главните приоритети на новата Влада и на МВР бидејќи тие го поткопуваат функционирањето на општеството и ја креираат недовербата на граѓаните во функционирањето на институциите и самата држава.

Министерот истакна дека при преземањето на функцијата, иако начеканата состојба беше катастрофална во поглед на организација и ресурси, сепак и со тие ресурси и голема посветеност резултатите во борбата со организираниот криминал и корупцијата дава значително подобри резултати од претходно.


„Еден врховен судија и еден член на Советот на јавните обвинители со правосилна пресуда повеќе не се дел од рекетарски систем, а кој институционално го граделе со години. Во една недела за два дена имавме две сеопфатни акции, едната на територијата на Југоисточна Македонија и едната во Западна Македонија. Во едната падна цела организирана група цариници, кои ја злоупотребувале службената положба и се богателе на грбот на македонските граѓани. Во втората акција беше сузбиена една криминална група која со години пустошела и била поврзана со нелегална трговија со дрога, луѓе и перење пари. Разликата од претходно во спроведување таков тип на акции е што тогаш на денот на акцијата некако магично првите луѓе на тие криминални групи секогаш беа надвор од државата и недостапни за полицијата, а беа апсени луѓе што не се носители на криминалот. Е, сега, таква информација, која ќе им дозволи да избегаат, не ја добиваат и затоа акциите се успешни и ќе продолжат да бидат успешни“, дециден беше министерот.

Тошковски запрашан кога ќе профункционираат камерите од многуочекуваниот проект „Сејф сити“, истакна дека поставувањето на камерите во Скопје, Тетово и во Куманово се очекува да биде завршено и проектот да биде финално пуштен во текот на 2025 година. Системот ќе регистрира сообраќајни прекршоци, како што се минување на затворен сигнал (црвено светло), возење со брзина поголема од дозволената и непрописно паркирање, со крајна цел зголемување на сообраќајната култура и намалување на сообраќајните несреќи со човечки жртви, чии бројки се очекува драстично да се намалат.


„Со проектот, иако планиран и почнат од порано, не се предвиделе системските решенија како ќе се имплементира и во другите институции, како судовите. Законските измени ќе бидат во насока на усогласување на нашето законодавство со европското. Измените се однесуваат на воведување нови членови во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои директно се однесуваат на сопственикот на возилото (или оној со право на користење на возилото) со кое е сторен сообраќајниот прекршок. Сообраќајниот прекршок ќе биде документиран со соодветни технички средства и уреди за снимање, при што на сопственикот на возилото ќе му биде доставен соодветен поднесок за сторениот сообраќаен прекршок. Дорегулирањето на постапката за заштита на личните податоци е во тек, односно во периодот што следува, запазувајќи ги сите законски регулативи. Секако, ќе има период на информирање на граѓаните, нивно приспособување кон системот со цел да почнеме сите спремни и заедно да градиме сообраќајна култура, која ќе резултира со ред во сообраќајот, без жртви“, потенцира Тошковски.

Тошковски на крајот истакна дека Министерството е целосно посветено кон креирање опремена, обучена и модерна европска полиција, која ќе ја штити безбедноста на сите свои граѓани и бескомпромисно ќе се бори со сите видови криминал и корупција, кои ги нагризуваат функционалноста и просперитетот на општеството.



Спонзорирани линкови

Маркетинг