Реал Мадрид покажува многу слабости во одбрана од стартот на сезоната и тоа продолжи и на европската дерби пресметка против Милан, на која „кралевите“ на домашен терен загубија со 1:3.
Лошата поставеност во дефанзива дава лоши сигнали за целиот тим на Карло Анчелоти, но сепак еден играч вчера посебно се најде на удар меѓу навивачите на Реал Мадрид.
Фановите на „Сантијаго Бернабеу“ го издвоија Орелијан Чуамени како играч кој не се залага доволно на теренот, а бидејќи главна функција му е да врши деструкција на противничката игра, тој е најчесто прозиван и на социјалните мрежи.
Праксата покажала дека никогаш не е добро за еден играч да добие свирежи од гледалиштето во Мадрид, па Карло Анчелоти очекувано застана во одбрана на својот фудбалер и нагласи дека проблемот со одбраната е колективен, а не индивидуален.
– Свирежите за Чуамени? Знам дека се реагира емотивно, но тоа не е индивидуален проблем, ние имаме колективен проблем. Не играме добро во одбрана и тоа важи за целиот тим. Мора да работиме и да се подобриме, мора да одиме на победа на следниот натпревар, – изјави Анчелоти.