Извештај: Жителите на ЕУ треба да складираат храна во случај на војна со Русија

Макфакс

01/11/2024

18:12

1.580

Големина на фонт

а а а

Жителите на земјите од Европската унија треба да складираат храна и основни потреби во случај на војна и руска агресија или некоја друга вонредна ситуација, се вели во најновиот извештај на специјалниот советник на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Извештајот за цивилната и воената подготвеност на Европа го составил поранешниот фински претседател Саули Нинисто во својство на специјален советник, објави денеска „Њузвик“.

Во извештајот се посочува дека ЕУ не била подготвена за пандемијата „Ковид-19“, како и за руската агресија врз Украина и дека треба „од фазата на реакција да премине во состојба на проактивна подготвеност“.

Во извештајот не се наведува дека руската агресија е единствената можна закана, но се истакнува дека таа е најголема.

„Немаме јасен план што треба да направи ЕУ во случај на вооружена агресија врз една нејзина членка. Заканата од руската војна против европските безбедносни сили не принудува да го ставиме ова прашање во центарот на нашата подготвеност за ваква ситуација, без да ги занемариме нашите подготовки за други големи закани“, се вели во извештајот на специјалниот советник од 165 страници која Фон дер Лајен го поднела во средата, пишува медиумот.

Во рамките на оваа стратегија, ЕУ треба да ги советува домаќинствата да бидат подготвени за во случај на вонредна состојба да издржат најмалку 72 часа со достапните залихи.

Поради оваа причина, жителите на земјите од ЕУ треба да складираат основни потреби, а на членките на ЕУ им се советува да им дадат на своите граѓани насоки за складирање, евакуација и начини да стигнат до службите за итни случаи.

Во последниот извештај се посочува дека е неопходно да се набават залихи од храна, вода за пиење, лекови, како и батериски ламби и радија на батерии, пренесува Танјуг.

Целта на овие совети, според написите, е да ги подготват граѓаните на ЕУ за вонредни ситуации како што се нови пандемии, екстремни временски настани или вооружена агресија.

Во оваа смисла се предложени и други мерки, како што е распределба на најмалку 20 отсто од вкупниот буџет на ЕУ за зголемување на безбедноста и подготвеноста за кризи, како и поголема размена на разузнавачки податоци меѓу членките на Унијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг