Поранешна Југославија беше вистинска кошаркарска сила. Во текот на годината низ светот победи издвојувале и машки и женски тимови, носејќи почести и трофеи од најпрестижните натпреварувања. Меѓу дамите кои на теренот важеле за „страв и трепет“ долго време била и Разија Мујановиќ.
Разија Мујановиќ е една од најголемите кошаркарки на овие простори, а со своите 202 сантиметри – и највисоки. Таа доминирала во женска конкуренција и ѝ немало рамна. Во својата кариера освоила сè што можело да се освои, дури и била примена во Куќата на славните на ФИБА. Таа и денес е посветена на спортот, иако не на теренот, туку како член на Кошаркарскиот сојуз на Босна и Херцеговина.
Родена е во 1967 година во Ратковиќи. Кога дошла во Тузла да тренира кошарка, имала 14 години и висина од 198 сантиметри. До 1990 година играла во тузланско „Јединство“ со кое го освои Европското првенство во 1989 година. Подоцна таа носела дресови на италијански и шпански клубови, за со професионалниот спот да се збогува во 2009 година, на 42-годишна возраст.
Тешко е да се издвојат најголемите успеси и да се избројат сите награди, бројни европски и светски првенства, но да ги споменеме Олимписките игри во Сеул во 1988 година, кога со репрезентацијата на Југославија го освоила сребрениот медал.
Разија Мујановиќ била толку доминантна на теренот што навивачите на противничките клубови често се обидуваа да ѝ го одвлечат вниманието, особено со навреди за нејзиниот изглед. Но, многу мажи би дале сè за да можат да ги достигнат нејзините височини во секоја смисла.
Ѝ дофрлале дека е машко, а во една прилика додека одела кон клупата му се пожалила на тренерот Михајло Вуковиќ кој како тинејџерка ја донел во Тузла. Тој ѝ одговорил: „Ма играј Разо, к*р те боли“, и така се родила познатата анегдота.
„Колку повеќе ме провоцираа, толку подобро играв“, открила Разија многу години подоцна.
И додека на теренот била недопирлива, дома преживувала пеколот. Како што објавувале медиумите, познатата кошаркарка тогаш трпела психичко и физичко насилство од сопругот, па била принудена да побара развод. Ниту вториот брак не потрајал, но не поради насилство, туку поради недоразбирање.
Дека славната Раза е навистина непобедлива сведочи и натпреварот на нејзиниот живот кој успеала да го добие. Пред извесно време ѝ бил дијагностициран рак на дојка, а за тој период зборувала вака:
„Моето семејство знаеше за дијагнозата, освен моите родители. Тие починаа и никогаш не дознаа за тоа. Едноставно сакав да ги поштедам од тој стрес, бидејќи веќе беа доволно стари и болни. Моите браќа, моите сестри и нивните семејства знаеја и беа моја огромна поддршка“.
Кога слушнале за дијагнозата, тагувале и плачеле, но во тие моменти Разија ги тешела со зборови кои често си ги повторувала.
„Им велев: ’Ало, жива сум, нема да ме оплакувате жива, ќе живеам, нема да умрам, бидете сигурни, ќе се изборам. Едноставно сакав да го надминам сето тоа и да кажам еден ден – го победив и тој рак. Кога имав толку многу победи, еве, ја добив и оваа.