[ФОТО/ВИДЕО] Има ли крај на егзибициите? Саудијците градат облакодер во облик на коцка како нов центар на Ријад

Точка

24/10/2024

19:02

3.316

Големина на фонт

а а а

Во Саудиска Арабија не се плашат од егзибициите, а пред сè имаат пари. Во главниот град Ријад се гради огромен облакодер. Однадвор ќе наликува на камен блок висок 400 метри. Но, што ќе има внатре? Внатре ќе има облакодер. Облакодер во коцка.

Проектот „Мукаб“ ќе понуди површина од два милиони квадратни метри и модерен амбиент за забава, релаксација, шопинг и кулинарски искуства.

Завршувањето на првата фаза планирано е за 2030 година, а во тек се почетните градби. Пред девет дена беше објавено дека се завршени 86 отсто од потребниот ископ за темелите и отстранети се 10 милиони кубни метри земја.

Облакодерот во форма на коцка, висок 400 метри, ќе може да собере 20 згради како што е Емпајер Стејт Билдинг. Планирано е да стане најголемата градба која некогаш била направена од човек, поради дури два милиони квадратни метри употреблив простор.

15-минутен град

Ќе има три пати повеќе употреблив простор во споредба со најголемиот светски деловен комплекс, индискиот центар за трговија со дијаманти, „Surat Diamond Bourse“ во Гуџарат. Тој центар има површина од 660.000 квадратни метри. Тоа ќе биде и првиот целосно затворен облакодер во светот.


Објектот ќе биде лоциран во новиот дел на саудиската престолнина Ријад – Њу Мураба. Предвидено е тоа да биде новиот центар на главниот град. Се гради според концептот на 15-минутен град, каде сите најважни услуги и објекти се наоѓаат на 15-минутна прошетка.

Ќе опфати огромна конструкција во облик на кула која ќе содржи бројни искуства, вклучувајќи најсовремена забава, ресторани и малопродажни објекти.


Овој проект беше најавен лично од престолонаследникот Мохамед Бин Салман во февруари минатата година. Тој е и претседател на одборот на директори на компанијата „New Murabba Development“, која ќе ја реализира изградбата.


Сличности со Ќаба

Сепак, овој проект не помина без критики. Имено, очигледна е сличноста на планираниот објект со најголемото светилиште на исламот, Ќаба во Мека, поради што на некои не им се допадна.


Што ќе се добие со затворање на зградата во коцка? Внатрешноста ќе биде украсена со проекции на природни сцени, што ќе овозможи интересно доживување. Оние кои ќе се најдат во зградата ќе можат да гледаат големи холограмски проекции на ѕидовите на коцката, а пред очите ќе имаат различни реалности, места, времиња итн.