И покрај неговите грешки, Фу Заи, во 2024 година беше одликуван за неговата исклучителна служба како куче за откривање експлозиви и доби пакет подарок за Лунарната Нова година, кој вклучуваше луксузни слатки за кучиња.
Првото корги кинеско полициско куче, Фу Заи, стана интернет сензација поради неговите достигнувања, но и поради неговите неодамнешни „проблеми“ на работното место.
Малото, но решително куче го загуби бонус на крајот од годината затоа што спиел на работното место и уринирал во чинијата со храна, што стана вирално на кинеските социјални мрежи.
Според локалните медиуми, ова корги куче „се приклучило“ на Бирото за јавна безбедност Веифанг во провинцијата Шандонг како резервно куче за откривање експлозиви во јануари 2024 година, кога имал само четири месеци. И покрај тоа што е мало куче, сега 18-месечниот Фу Заи брзо стана препознатлив по неговиот исклучителен талент за откривање експлозиви, придобивајќи ги симпатиите на својот тренер и јавноста.
До октомври, Фу Заи, што значи „Среќно момче“, дипломирал и станал целосно квалификувано полициско куче. Приказната за Фу Заи беше „споделена“ на „Doujin“, кинеската верзија на Тикток, преку профилот управуван од Бирото за јавна безбедност Веифанг.
Профилот „Corgi Police Dog Fu Zai and Its Comrades“ има повеќе од 384.000 следбеници и редовно обезбедува новости за секојдневните тренинзи и активности на Фу Заи и неговите „колеги“ полициските кучиња.
Во видеоснимката објавена на 19 јануари, полицајците го пофалија Фу Заи за неговиот извонреден придонес во текот на 2024 година, кој вклучуваше извршување на неколку задачи и подигање на профилот на полициските кучиња во Веифанг. За неговите напори, Фу Заи како дел од годишната ревизија доби црвен цвет, слатки и играчки.
Меѓутоа, прославата доби симпатичен пресврт кога полицаецот го откри неодамнешното „лошо“ однесување на Фу Заи, вклучувајќи го спиењето во текот на работното време и уринирањето во чинијата со храна.
Поради тоа пред камерите му беа одземени слатките и играчките, оставајќи му само црвен цвет како потсетник за неговите достигнувања.
„Се надевам дека ќе вложиш повеќе труд во иднина“, се пошегува полицаецот во видеоснимката, која собра повеќе од 10.000 лајкови и стотици коментари.
Симпатии и поддршка за Фу Заи
Следбениците на социјалните мрежи брзо застанаа на страната на Фу Заи, а еден корисник напиша: „Кутриот Фу Заи, тој работеше напорно цела година, за на крајот да го изгуби бонусот. Можам да се поистоветам со него“.
Друг додаде: „Тој уринирал во својата чинија, а не во чинијата на неговиот шеф … веднаш вратете му го бонусот“.
Среде бранот на онлајн симпатии, во следната видеоснимка објавена минатата среда, полицијата ја увери јавноста дека Фу Заи не останал без награда.
За да ја прослави Лунарната Нова година, корги доби луксузен подарок пакет кој вклучуваше тихоокеанска харинга, супа од тиква, кнедли, ќофтиња од зајачко месо, па дури и кучешка верзија на јадењето „Buddha’s Temptation“ – кинескиoт деликатес.
„Се надеваме дека Фу Заи и другите миленичиња можат да растат во добро здравје, а истовремено се надеваме дека секој може да биде љубезен кон (животните), бидејќи светот не нѝ припаѓа само нам, туку и на нив“, рече еден полицаец.