Воената економија на Путин можеби ќе се соочи со сериозен проблем: Сè зависи од Саудијците

Точка

03/10/2024

16:12

953

Големина на фонт

а а а

Москва ќе остане без средства за одржување на воената економија, доколку Саудиска Арабија ги исполни плановите за зголемување на производството на сирова нафта, а со цел да ја заштити својата позиција на глобален нафтен лидер.


Ријад е сè повеќе фрустриран од неуспехот на другите петродржави во координирањето на намаленото снабдување за да можат цените на нафтата од сегашни 70 долари по барел да се зголемат на околу 100 долари. Трговците со нафта велат дека Саудиска Арабија е сега подготвена да одговори „со покажување на мускулите“ и „буткање“ на помалите произведувачи, како и извезување на повеќе нафта за да го зголеми пазарниот удел и профитот и покрај падот на цените, пишува Politico“.

Огромен ризик за рускиот државен буџет

Таа стратегија би можела да ги сруши цените на нафтата и да му донесе лоши вести на рускиот претседател Владимир Путин. Нафтата и плинот се најголеми поединечни извори на приход за руската држава во изминатата деценија, претсставувајќи дури половина од државниот буџет.

Михаил Крутихин, рускиот енергетски анлитичар со седиште во Норвешка, вели дека можниот потег на Саудиска Арабија претставува огромен ризик за рускиот државен буџет поради неговата голема зависност од приходите од нафтата. И тоа е само еден од неколкуте непредвидливи фактори, вклучувајќи ги и претседателските избори во САД.


„Така што мораме да седиме, чекаме и да се „снабдиме со пуканки“. Саудиска Арабија совршено добро знае дека руските компании немаат намера да го намалат производството, па поради тоа создава сопствени планови“, изјави Крутихин.

Александра Прокопенко, економист и соработник на фондацијата Карнеги за меѓународен мир, се согласува со тоа дека влоговите на Кремљ се високи: „Според тековните курсеви, падот на цената на нафтата од 20 долари би придонел кон пад на приходите од 20 милијарди долари. Тоа е околу 1% од руското БДП. Владата би се соочила со изборот – или намалување на потрошувачката, што е малку веројатно во текот на војна, или прифаќање на инфлаторниот притисок и „задушливо“ високите камати“.

„Глобалната економија е забавена. Саудијците би можеле да ја покренат“

„Financial Times“ минатата недела извести дека Саудиска Арабија би можела да се откаже од своите долгогодишни амбиции за ограничување на понудата на сирова нафта, со цел да го поттикне растот на цените од околу 100 долари по барел. Експертите за пазарот на нафтата, не се сомневаат во тоа дека Саудиска Арабија има огромен производствен и извозен капацитет, и да наместо тоа ја смени својата тактика и да обезбеди пазарна доминација преку количеството.


„Глобалната економија е доста забавена, а побарувачката за нафта не е толку висока колку што Саудијците сакаат да биде“, изјави Ајаџ Пармар, одговорен за аналитиката на пазарите за нафта во компанијата „ICIS“ и додаде: „Некои произведувачи, вклучувајќи ја и Русија, постојано ги надминуваат своите квоти. Поради тоа цените не се ни блиску до 100 долари по барел, а Саудијците губат трпение. Тоа би бил еден од начините Саудијците да „испукаат куршум“ за предупредување на пазарот дека ќе почнат да делуваат“.


„Саудиската порака гласи дека сите заедно ќе заработуваат помалку, бидејќи Саудијците ќе ги „избуткаат“ од пазарот, а доколку постои земја на светот која има капацитет за такво нешто, тогаш тоа е Саудиска Арабија“, додаде Пармар за „Politico“.

Путин вети дека ќе продолжи со експлоатација на фосилните горива

Заедно со земјите како што се Казахстан и Ирак, Русија е обвинета дека испорачува повеќе нафта отколку што е договорено со „OPEC+“ (организацијата на произведувачи на нафта која работи на контрола на глобалната понуда и цените). Москва постојано ја надминува својата доброволна квота, која моментално изнесува 8.98 милиони барели дневно, и покрај постојаното ветување дека ќе го усогласи производството со целта.

Руската добивка од фосилни горива исто така порасна за 41% и тоа само во првата половина од оваа година, според податоците на московското министерство за финансии, и покрај западните санкции воведени поради војната во Украина.


Претседателот Владимир Путин, вети дека ќе продолжи со експлоатација на фосилните горива, со цел да ја поддржи економијата на својата земја.

„Секој има тешкотии, па така и ние имаме свои“, призна Путин во својот говор на енергетскиот форум минатата недела. „Но Русија и понатаму е еден од водечките фактори на глобалниот, енергетски пазар“, додаде Путин.

Покрај тоа, рускиот државен медиум „TASS“ извести дека се размислува за нова стратегија за одржување на производството на нафтата на 540 милиони тони годишно до 2050 година, што претставува отворено спротивставување на напорите за намалување на екстракцијата, кое би помогнало во борбата против климатските промени.

Флота во сенка

Русија создаде „флота во сенка“ на застарени бродови за испорака на својата сирова нафта, кршејќи ја горната цена од 60 долари по барел, која ја наметнаа земјите од „G7“. Ова заобиколување на ограничувањата му донесе на Кремљ, приход од речиси 25 милијарди долари од почетокот на инвазијата во Украина.


Дупката во законот им овозможува на посредниците во земјите како што се Турција, Кина и Индија да ја рафинираат руската нафта во бензин и дизел пред да ја продадат на друго место – што претставува исклучок од санкциите. Според извештајот во којшто „Politico“ имал увид, западните земји потрошиле две милијарди долари на ова ребрендирано гориво во првата половина од 2024 година, со што руската држава заработила доволно даночни приходи за да регрутира дополнителни 6.200 војници месечно за борба во Украина.

Сепак, дури иако Саудиска Арабија го преземе споменатиот чекор, Кремљ веројатно нема да се откаже од својата војна против Украина, и покрај тоа што својот државен буџет го базираше врз очекувањата дека сировата нафта ќе се продава за околу 70 долари по барел, повеќе отколку што многумина се подготвени да платат.

„Знаците на нерамнотежа во економијата се сè поголеми, но Русија уште некое време ќе може да ја финансира војната. Војната нема да заврши поради тоа што на Русија ѝ недостасуваат пари“, изјави Хели Симола, аналитичар во „Bank of Finland“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг