Како изгледа противбалистичката одбрана на Израел и која е улогата на системот „Железна купола“

Точка

02/10/2024

19:26

1.986

Големина на фонт

а а а

Израел е држава со најголемо искуство во противбалистичката одбрана, а врз база на тие искуства има развиено цела низа од системи кои имаат задача да одговорат на таков вид закана.

Програмата за развој на противракетна и противбалистичка одбрана во Израел е иницирана од набавката на ракети од Советскиот сојуз кон крајот на седумдестите и почетокот на осумдесетите години од минатиот век.

Инаку, балистичките ракети за разлика од другите видови ракети, претставуваат носачи на нуклеарно но и конвенционално оружје. Поради раздвојливата боева глава тие имаат најголем потенцијал за деструкција, со оглед на „убиствениот товар“ од 100 и повеќе килограми експлозив во конвенционална изведба.


Во тој период, поглем број арапски земји купија технологија за производство на балистички ракети, и тоа во орв ред балистички ракети со среден дострел („R – 17 Elbrus“). Сите земји од овој регион, од ракетата „R – 17“ изведоа цела низа топови и поттипови на ракети, при што во тој процес на пролиферација на ракетната технологија најдалеку стаса Ирак со балистичката ракета „Al Hussein“ и Иран со ракетата „Shahab“.

Токму ракетата „Al Hussein“ беше значајна за понатамошен развој на израелскиот систем за противбалистичка одбрана, со оглед на тоа дека на 17 јануари 1991 година, режимот на Садам Хусеин лансираше повеќе од 40 ракети кон Тел Авив и Хаифа.

Тогашниот систем за противбалистичка одбрана на Израел го сочинувале експерименталните батерии на американскиот систем „MIM – 104 Patriot“. Поголем број од ракетите ја пробија одбраната поради недоволно усовршен систем за одбрана, така што врз база на тие искуства Израел го започнал создавањето на сопствениот противбалистички штит со системи кои самостојно ги развива или во соработка со САД.

Со што располага Израел

Денес, Израел има еден од најсложените системи за противбалистичка одбрана со множество копнени, воздушни, поморски, но и космички системи. Секој противбалистички штит се заснова врз добрите разузнавачки податоци за противникот, но и „будноста“ на сателитскиот надзор од „LEO“ орбитата, така што одразот на ракетните мотори на балистичките ракети можат да се мапираат во почетната фаза на нивниот лет.


Поради малата оддалеченост помеѓу земјите од овој регион, Израел поради концептот на заштита на населението, првенствено се потпира врз системот на евалуациски сензори, кои ги детектираат непријателските ракети на голема оддалеченост. Токму врз база на тој систем на размена на податоци и информации, се огласуваат алармите за тревога кои го известуваат населението на Израел да се скрие во засолништата.

Потоа, Израел може да смета и на радарот за рано предупредување „Green pine“ со опсег од околу 500 километри. Податоците од овој радар се клучни за примање на податоци за траекторијата и висината на летот на ракетите кои се движат кон Израел, при што тие податоци се неопходни за „ракетите – пресретнувачи“.

Откако радарите за рано предупредување ќе ги забележат целите, истите ги проследуваат на протибалистичките платформи на копното, морето и во воздухот. На копното, Израел може да смета врз ракетите – пресретнувачи „Arrow 2“ и „Arrow 3“ кои се развиени во соработка со САД. Намената на овие два системи се разликува по нивните способности, со оглед на тоа дека „Arrow 3“ е способен да ги погоди балистичките ракети кои доаѓаат од егзосферата односно преку стотиот километар во висината.


Од друга страна „Arrow 2“ има задача да делува во ендосферата на висини под стотиот километар, при што двете ракети имаат опсег од преку 2000 километри.

Доколку противничките ракети го поминат првиот обрач на противбалистичката одбрана како што беше случај со нападот кој се случи во април, но и во текот на вчерашниот напад, тогаш на сцена стапуваат системите „Прачката на Давид – „David Sling“), со опсег од преку 300 километри со поддршка на системот „Patriot PAC – 2GEM+“.


Тоа што ги разликува системите „Arrow“ од „David Sling“ и „Patriot“ е етапата на летот на противничката ракета во којашто тие делуваат. Системите „Arrow“ имаат задача да делуваат што подалеку и попревентивно од израелскиот воздушен простор во почетната фаза на средниот курс на летот на ракетата. Од друга страна „Patriot“ и „David Sling“ делуваат над израелската територија така што нивната улога во одбраната доаѓа во завршната (терминална) фаза.

Она што е проблематично е доколку непријателската ракета стаса до завршната фаза, тогаш во зависност од целта но и маневарските или аеробалистички способности на ракета, секоја ракета многу потешко се соборува. Тоа е фаза од летот во којашто ракетата спрема своето инерцијално наведување нагло губи висина и се насочува кон целта, што ја прави да биде потешка за фаќање од страна на противбалистичката одбрана.


Систем „Железна купола“

Во текот на синоќешниот напад јасно можеше да се забележи дека поголем број од ракетите коишто влегоа во завршната фаза, успешно ја погодија определена цел на копното со непознат параметар на прецизност. Системите „Iron Dome“ односно популарната „Железна купола“ на копното, како и верзијата за поморски сили „C – DOME“ со опсег од 60 километри, не учествуваат во противбалистичката одбрана на Израел.


Намената на системот „Iron Dome“ е одбрана од ракети со краток опсег. Од друга страна особено значајна улога во системот за противбалистичка одбрана но и одбрана од крстаречки ракети има и израелското воено воздухопловство, коешто за таа цел ги модернизираше американските повеќенаменски авиони од петата генерација „F-35“. Обединет – израелскиот систем за потивбалистичка одбрана изгледа силно, со добра интеграција на системот „C4“ за размена на информации и податоци во реално време. Но во случај на напади со голем број ракети од различни насоки според моделот на сатурација и без поддршка од воените разорувачи и носачи на авиони на петата флота на Воената морнарица на САД, овој систем не може да одговори на сите барања.


Улогата и поддршката на САД во развојот на израелската противбалистичка одбрана е круцијална со оглед на заедничките проекти за развој и модернизација, но и годишните вежби за противбалистичка одбрана – „Cobra“, коишто се планираат на годишна основа помеѓу војските на САД и Израел. Долгото искуство на соочување со закани од балистички ракети коешто го поседува Израел, покажува дека без повеќеслојниот систем за противбалистичка одбрана, а со помош од партнерите и сојузниците, не е возможно да се одбрани инфраструктурата на Израел.



Спонзорирани линкови

Маркетинг