Во тешката сообраќајна незгода на патот Прилеп – Битола загинаа радиолог, гинеколог и радиолошки технолог.
Преку социјалните мрежи за нивната смрт извести и Асоцијацијата на специјализантите и младите лекари.
Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава доаѓајќи на своите работни места од Прилеп.
Бог да ве прости колеги!
Ова е страшна загуба за нашето здравство! 🥹
Posted by Асоцијација на специјализанти и млади лекари-АСМЛ on Thursday 3 October 2024
Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болница „Плодност“ со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги.
„Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин, Болница Плодност секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болница Плодност.