Почнува Октоберфест во Минхен: Силни безбедносни мерки, стотици полицајци на фестивалот

Точка

21/09/2024

12:20

503

Големина на фонт

а а а

Во Минхен денеска почнува Октоберфест, кој ќе трае до 6 октомври, а безбедносните мерки се исклучително силни, со оглед на високиот степен на опасност од исламистичкиот тероризам.

По неодамнешниот напад на фестивалот во западниот град Солинген, во кој загинаа три лица, прашањето за безбедноста повторно е во фокусот, а безбедносните власти се крајно внимателни и секоја дојава е внимателно истражена, пишува денеска "Tagesspiegel".


Весникот наведува дека на Октоберфест се применува софистициран безбедносен концепт – контроли на влезовите, забрана за големи кеси, ножеви и стаклени шишиња, присуство на голем број полицајци и бетонски саксии за да се спречат напади со автомобили.


За првпат при инспекциите по случаен избор ќе се користат околу 40 рачни детектори за метал, најави директорот на популарниот фестивал Клеменс Баумгертнер.


Како што наведе, ќе дежураат околу 600 полицајци и неколку илјади обезбедувачи. Градоначалникот Дитер Рајтер рече дека надлежните служби направиле сè што можат за да ја обезбедат безбедноста на посетителите.


Според баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман, нема конкретни знаци на опасност, но општото ниво на закана од исламистичкиот тероризам е високо.


Кога станува збор за цената на пивото на овогодинешниот Октоберфест, таа се движи од 13,60 до 15,30 евра, поради што некои посетители според "Tagesspiegel" се вознемирени. Се очекуваат милиони посетители на Октоберфест до 6 октомври.



Спонзорирани линкови

Маркетинг