[ФОТО/ВИДЕО] Мажот на најбогатата Русинка уапсен поради убиство! Хоророт следел откако Путин го потпишал контроверзниот договор: „Влезе во канцеларија и почна да пука“

Точка

20/09/2024

18:00

4.683

Големина на фонт

а а а

Владислав Бакалчук, сопругот на најбогатата жена во Русија, Татјана Бакалчук, е уапсен во четвртокот во Москва под обвинение за убиство, соопштија неговите адвокати.

Апсењата уследија еден ден по пукањето во кое загинаа две лица во московската канцеларија на „Вајлдберис“, најголемиот руски онлајн трговец, кој се наоѓа на неколку блокови од Кремљ, објави „Ројтерс“, а пренесе „Радио Слободна Европа“.

Во престрелката се ранети седум лица, меѓу кои и двајца полицајци. Брачниот пар Бакалчук од јули е во процес на развод.

Сопружниците меѓусебно се обвинуваат за пукањето што се случи во средата. Престрелката доаѓа откако „Вајлдберис“ го финализираше контроверзниот договор за спојување пред неколку недели што лично го одобри рускиот претседател Владимир Путин, според „АФП“.

Тој потег на спојување од Владислав Бакалчук беше осуден како „огромна грешка“. Тој во средата изјавил дека дошол на однапред договорен состанок и дека првиот истрел го испукале вработените во канцеларијата.

Од друга страна, Татјана рекла дека Владислав и неговите колеги се обиделе да ја окупираат канцеларијата и дека средбата не била закажана.

Во средата, Татјана Бакалчук на „Телеграм“ изјавила дека група предводена од нејзиниот сопруг и уште двајца мажи, кои таа ги идентификувала како Сергеј Ануфријев и Владимир Бакин, се обидела да ги заземе канцелариите на „Вајлдберис“ во руската престолнина.

Татјана Бакалчук (48) е најбогатата Русинка, а магазинот „Форбс“ нејзиниот имот го проценил над повеќе од четири милијарди долари.

„Радио Слободна Европа“ на руски јазик во средата објави дека Истражниот комитет соопштил дека отворил истрага за „елементи на кривичното дело“ – вклучувајќи убиство, обид за убиство на две или повеќе лица, нелегално поседување оружје и обид за убиство на член на полициските сили.

Татјана Бакалчук го основала „Вајлдберис“, рускиот одговор на „Амазон“, во 2004 година. Оттогаш, пренесува „Ројтерс“, компанијата прераснала од онлајн продавница за облека во голема продавница за сите видови стоки.


Адвокатите на Владислав во четвртокот соопштија дека тој е уапсен и обвинет за убиство и обид за убиство на полицаец. Според нив, тоа е „очигледно и невидено кршење“ на правата на нивните клиенти. Деловниот спор наводно е поврзан со реструктуирањето на „Вајлдберис“.