[ВИДЕО] Израелски војници снимени како фрлаат безживотни тела на тројца Палестинци од кровот на зграда

Точка

21/09/2024

10:03

1.978

Големина на фонт

а а а

Израелската војска отвори истрага откако нејзини припадници биле снимени како фрлаат безживотни тела на тројца Палестинци од кровот на станбена зграда, во текот на рацијата на окупираниот Западен брег.

Снимката е направена во градот Кабатија, на северот од Западниот брег, а на неа може да се види и тоа како израелски воен булдожер ги зема телата, што дополнително ги разбесни Палестинците.

Израелската војска денес соопшти дека се работи за „сериозен инцидент“ којшто „не е во согласност со нивните вредности“ и со она што се очекува од припадниците на израелската армија.


Локалните палестински власти тврдат дека вчера, израелските сили во Кабатија убиле најмалку седум луѓе. Според меѓународното право, војниците се должни да постапуваат со почит спрема безживотните тела на непријателската страна.

Од друга страна израелската војска соопшти дека во Кабатија спровела противтерористичка операција, во текот на која во директно пукање убиле четири милитанти, додека тројца милитанти биле убиени во напад со дрон врз нивниот автомобил.


Новинар од Кабатија изјави за „BBC“ дека вчера, израелските сили во раните утрински часови ја опколиле зградата во којашто се наоѓале четворица мажи, коишто подоцна избегале на кровот, каде што ги убиле снајперистите.

Борбите продолжиле во градот, а кога престанале, како што вели новинарот, израелските војници се качиле на кровот и почнале да ги фрлаат телата коишто подоцна биле натоварени во булдожер.


Израелската војска тврди дека помеѓу убиените во Кабатија е Шади Закамех, којшто го сметаат за одговорен за нападите врз израелската војска во северниот дел од Западниот брег, и тврдат дека Закамех бил шеф на терористичка организација но не прецизираа за која точно организација станува збор.

Од палестинското Министерство за надворешни работи и иселеници порачаа дека се работи за злосторство којшто ја разоткрива бруталноста на израелската војска, пренесува „BBC“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг