[ВИДЕО] Најомразеното видео на "YouTube" има дури 23 милиони дислајкови

Точка

20/09/2024

16:10

5.100

Големина на фонт

а а а

"YouTube" е платформа позната по својата неверојатна количина на содржини – од интервјуа, филмови, критики, шеги, до анимации, документарни филмови и видеа кои собираат милиони "лајкови" и "дислајкови".

Иако "Google" го криеше јавното прикажување на бројот на "дислајкови" од 2021 година, познат е фактот дека со години најомразеното видео на "YouTube" беше спотот на Џастин Бибер и Лудакрис за песната „Baby“, објавен во 2010 година.

Со 12 милиони дислајкови, видеото речиси седум години ја држеше титулата најомразено видео на "YouTube", а потоа се појави видео кое го зазеде тронот на неславната листа.

Станува збор за видео наречено "YouTube Rewind 2018: Everyone Controls Rewind", за кое, иронично, заслужни се токму работниците на оваа платформа. Видеото е создадено за да се резимираат најважните моменти од таа година, па затоа било голема чест да се биде вклучен во серијалот "YouTube Rewind" како креатор на истакнати содржини.

Сепак, видеото доби 10 милиони дислајкови само седум дена откако беше објавено, а денес има повеќе од 23 милиони дислајкови.

Голем број Јутјубери и корисници бурно реагираа на видеото, тврдејќи дека "YouTube" им дал простор на застарените и непопуларни трендови, а не вклучил многу популарни Јутјубери од годината. Покрај тоа, многумина тврдеа дека содржината е премногу фокусирана на тоа да ги „задоволи огласувачите“.

Инаку, популарниот шведски јутјубер "PewDiePie" објави преглед на видеото и рече дека му е мило што не е вклучен.

„Се сеќавам, мислам, сите се сеќаваат, "Rewind" беше нешто што изгледаше како давање почит за креаторите таа година. Сега ми е мило што не сум во него бидејќи видеото е морничаво, па и неповрзано со заедницата и креаторите“, вели тој.

Бројни корисници го преплавија "Youtube" со негативни коментари под видеото, а некои ја истакнаа иронијата на целата приказна.

„Иронијата е што "YouTube" го создаде видеото со најмногу дислајкови на својата платформа. Полудо од тоа не може“, гласи еден од коментарите.