Ќерката на Брус Вилис и Деми Мур, во новото издание на емисијата „Today“, зборуваше за борбата на татко ѝ со фронтотемпорална деменција. Талула Вилис откри нови детали за неговата здравствена состојба, приближувајќи ја вистината за тешката болест до пошироката публика.
Брус Вилис се бори со невродегенеративна болест на мозокот, а Талула Вилис гостуваше вчера во емисијата на Савана Гатри и Хода Кот, во којашто ги сподели деталите за состојбата на татко ѝ. „Тој е во стабилна состојба, што во оваа ситуација е добро и тешко. Има болни денови, но има толку многу љубов“.
Претходно во 2023 година, Талула ја окарактеризира состојбата на татко ѝ како „навистина агресивна когнитивна болест, вид на деменција којшто е многу редок“, во епизодата на шоуто „The Drew Barrymore Show“.
„Отсекогаш ги препознавав елементите на неговата личност кај себеси и едноставно знам дека ќе бевме толку добри пријатели само да имаше повеќе време“, напиша Талула за „Vogue“, минатата година и изрази жалење поради пропуштената можност за непречено развивање на нивниот однос.
Болеста на нејзиниот татко ја научила да го цени секој момент поминат со него. „Навистина сфатив дека не треба да го земам „здраво за готово“ секој момент поминат со него, и навистина мислам дека ќе бевме најдобри пријатели. Мислам дека е многу горд на мене. Мораш да бидеш присутен во моментот. Мораш да бидеш тука“, вели Талула во емисијата „Today“.
Талула Вилис исто така зборуваше и за нејзината борба со аутизмот којшто и бил дијагностициран на 29 годишна возраст.
„Беше многу емотивно. Да бидам искрена, навистина се мразев себеси и сметав дека сум скршена. Да научиш дека деловите од себеси за коишто мислиш дека се дел од болеста, се погрешни или едноставно се премногу за овој свет, се всушност во ред, бараше малку повеќе напор и тоа ми овозможи да бидам поблага спрема себеси“, раскажа Талула.
Инаку на ќерката на познатиот актер многумина ѝ упатуваат пофалби бидејќи отворено зборува за својата здравствена состојба и со тоа им помага на оние коишто се наоѓаат во иста ситуација.
Потсетуваме на Брус Вилис, првично му беше дијагностицирана афазија, а потоа фронтотемпорална деменција. Неговата голема поддршка се неговата сопруга Ема Хеминг Вилис, ќерките Мејбел и Евелин, како и бившата сопруга Деми Мур и нивните заеднички ќерки, Румер, Скаут и Талула.