Мизокинезија е слабо познат феномен, којшто стана предмет на истражување дури во последните десетина години, а студиите покажуваат дека е многу поприсутен феномен отколку што се сметаше. Според истражувањето објавено во списанието „Nature Scientific Reports“ мизокинезијата се јавува кај една третина од популацијата со тоа што не се јавува на еднаков начин кај сите луѓе.
Што е мизокинезија?
Мизокинезијата, односно „омразата спрема движењата“ (од грчкиот збор „miso“ што значи омраза и „kinesis“ што значи движење), се однесува на иритацијата или стресот предизвикани од гледањето на повторувачки движења на други луѓе, како што е нервозно тропање со ногата, прстите, кликањето со пенкало.
Мизокинезијата за прв пат ја препозна тим на холандски невронаучници на „Arijan Schöder“ во 2013 година.
Студијата покажала дека предизвикувачите на мизокинезијата се често поврзани со предизвикувачите на мизофонијата (омразата спрема повторливите звуци).
Меѓутоа, стимулансите поврзани со движењата, како што се тапкањето со прстите и тропање со стапалото, нужно не мораат да имаат соодветни аудитивни карактеристики. Интересно е тоа што, многумина заболени од мизофонија велат дека можат да ги слушнат звуците поврзани со овие движења, па поради ова односот помеѓу мизокинезијата и мизофонијата тешко е јасно да се објасни.
Повеќето луѓе ваквите повторливи движења едвај ги приметуваат, но лицата со мизокинезија овие движења ги доживуваат со интензивни чувства на неудобност, иритација па дури и лутење.
Повеќе распространета појава отколку што порано се сметаше
Во студијата којашто вклучувала повеќе од 4100 испитаници, откри дека дури 33% од луѓето се соочува со одреден степен на мизокинезија, што значи дека е далеку почеста појава отколку што се претпоставуваше. Интересно е тоа што таа може да се појави кај лица без никакви ментални нарушувања, што доведува до заклучок дека мизокинезијата би можела да биде раширена карактеристика на човековата перцепција, а не некој редок невролошки проблем.
„Овие резултати го поддржуваат заклучокот дека чувствителноста на мизокинезијата не е феномен ограничен на клиничката популација, туку е основен и досега недоволно препознаен социјален предизвик којшто се јавува кај многумина во пошироката, општа популација“, објаснуваат авторите на студијата.
Истражувањето исто така покажало дека лицата со мизокинезија честопати се соочувале и со стрес и анксиозност, што сугерира дека мизокинезијата би можела да биде поврзана со емоционалната пречувствителност или зголеменото ниво на емпатија.
Можните предизвикувачи и механизми на мизокинезијата
Механизмите коипто ја предизвикуваат мизокинезијата сè уште не се потполни јасни, но постојат теории коишто се обидуваат да ги објаснат. Една од водечките сугерира дека мизокинезијата е поврзана со човековата способност за препознавање и емпатија спрема емоциите на другите луѓе. Имено, повторливите движења можат да се толкуваат како знаци на нервоза и анксиозност, така што можат да предизвикаат чувство на непријатност кај другите лицата коишто се чувствителни на туѓите емоционални состојби.
Втората теорија се темели на еволуциската перспектива, и сугерира дека повторливите движења можат да ја активираат инстиктивната реакција на потенцијална опасност – присуство на предатор, непријател или други закани.
Иако живееме во модерни општества овие инстинктивни одговори можеби останале длабоко вкоренети во нашите мозоци.
Исто така постои и невролошка компонента којашто би можела да има улога во развојот на мизокинезијата. Имено, студиите покажале дека лицата со поголема чувствителност на надворешни стимуланси можат да имаат хиперактивни невронски мрежи во мозокот, особено во деловите поврзани со внимание и сензорна обработка.
Клиничкиот психолог, Тања Јурин, од филозофскиот факултет во Загреб, вели дека мизокинезијата е веројатно поврзана со поширок проблем којшто се манифестира на различни начини.
„Постојат луѓе коишто се пречувствителни на надворешните стимуланси. Пречувствителноста на движењата или звуците веројатно се дел од тој синдром“, вели Јурин.
Уште еден фактор којшто честопати се споменува е индивидуалната толеранција на фрустрација. Лицата коишто имаат понизок праг на толерирање на фрустрацијата можат да бидат повеќе склони кон развивање на мизокинезијата, бидејќи повторливите движења можат да делуваат како иритантен стимуланс којшто го преминува нивниот праг на толеранција. Ова може да биде особено изразено во стресни ситуации или кај луѓе коишто се веќе се соочуваат со големо емоционално оптоварување.
Јурин предупредува дека мизокинезијата и мизофонијата не треба да бидат оправдување за претерано манифестирање на фрустрациите.
„Не би било добро иритабилните луѓе да се кријат зад оваа дијагноза. Очигледно е дека има многу луѓе на коишто им пречат повторливите звуци или движења. Таквата пречувствителност не би требала да биде оправдување за евентуалните драстични реакции. Напротив, луѓето коишто имаат вакви проблеми треба со нив да се соочат или да побараат помош“, додава Јурин.