Kолку чудна ќе биде 2050 година? Еве што вели водечкиот светски експерт за вештачка интелигенција

Точка

02/09/2024

21:04

7.423

Големина на фонт

а а а

Реј Курцвеил изгради репутација за неговите точни предвидувања околу вештачката интелигенција – и сега зборува за некои големи настани во блиска иднина.

Кога станува збор за вештачката интелигенција, никој нема поголемо искуство од Реј Курцвеил. Со 61 година искуство во развојот на вештачката интелигенција, тој го измислил првиот комерцијално достапен софтвер за препознавање говор со голем речник, го добил Националниот медал за технологија и иновации во 1999 година од претседателот Бил Клинтон, па дури и бил примен во Националната куќа на славните на пронаоѓачите во 2002 година.


Со други зборови, тој важи за навистина битен човек. Но, покрај неговите многубројни практични достигнувања, Курцвеил има и долгогодишно искуство во предвидување на идните технологии, пишува „Би-би-си сајенс фокус“.

Најзначајно, во 2005 година, тој ја објави книгата „The Singularity is Near“ (Сингуларноста е близу) која ја предвидува иднината на вештачката интелигенција, осврнувајќи се на брзиот напредок на компјутерите и начинот на кој луѓето ќе се потпрат на технологијата и вештачката интелигенција. Беше, да се разбереме, загрижувачки точен.

Но, што не очекува во следните 20 години? Курцвеил сега одговара токму на тоа прашање во следната книга „Singularity is Nearer“ (Сингуларноста е поблизу), збирка предвидувања за тоа како вештачката интелигенција ќе има уште поголемо влијание врз нашите животи.


Би-би-си реализира интервју со Реј, и ги истакнува следните настани кои ќе ги одбележат следните 25 години:

Вештачката интелигенција ќе ја совлада уметноста да се биде човек

Едно од клучните предвидувања на Курцвеил се врти околу вештачката општа интелигенција (Artificial Generative Intelligence – AGIArtificial Generative Intelligence – AGI). Додека многу модели со вештачка интелигенција во моментот се дизајнирани за одредена задача, моделите со вештачака општа интелигенција ќе одговара или ќе ги надмине човечките способности за когнитивните задачи.

Моментално, иако се импресивни, моделите со вештачка интелигенција можат да работат само во една област. ChatGPT (Чет џи-пи-ти) е модел базиран на текст, Dall-E (Дал-е) или Midjourney (Мидџрни) за слики, а компаниите како Wix (Викс) користат вештачка интелигенција за веб дизајн.

Вештачката општа интелигенција е хипотетички софтвер кој може да направи сè – може да научи и да се прилагоди на новите вештини и ситуации и да го разбере човечкиот разум. Нешто како виртуелната асистентка Саманта, односно Скарлет Јохансон во филмот Her („Неr“) од 2013 година.

Според Курцвеил, модели со вештачка општа интелигенција со такви способности ќе бидат достапни најдоцна до 2029 година. Други експерти велат дури и дека тоа ќе биде за две до три години.


„Кога првпат го кажав овој датум во 1999 година, на луѓето им беше алармантно. Стенфорд организираше конференција од 1000 луѓе за да разговараат за тоа колку е реално ова, а нивниот став беше дека тоа ќе се случи, но не во рок од 30 години – проценката беше 100 години“, вели Курцвеил за Би-би-си сајенс фокус.

Додека 2029 година, некои ќе ја чувствуваат како надреална, Курцвеил вели дека ја следи брзината со која расте вештачката интелигенција. Тој укажува на експоненцијалните придобивки забележани во технологијата, кои растат побрзо секоја година.

„Економистите претпоставуваат дека протокот на овие технологии е линеарен – тој оди 1, 2, 3, 4. Но, навистина е повеќе како 1, 2, 4, 8. Кога нешто расте толку брзо, се чини дека напредокот почнува да се случува наеднаш. Денешните компјутери можат да искалкулираат половина трилион пресметки во секунда. Тоа се сметаше за невозможно пред само 10 години“, вели Курцвеил.

Крај на стареењето

Една од главните теми за разговор на технолошката индустрија во моментов е прилично возвишена цел – да му се пркоси на стареењето. Иако многумина се обиделе, Курцвејл верува дека се приближуваме до момент во кој не само што ќе можеме да го забавиме стареењето, туку и целосно да се бориме против истото.

„Ќе го решиме стареењето во следните 5 до 10 години. Во моментов, како што стареете, веројатноста да умрете следната година се зголемува. Кога ќе дојдете до вашите 90-ти или повеќе постари, има многу големи шанси да умрете секоја година. Но, ќе го надминеме тоа. Веќе се случува во медицината – гледаме дека вештачката интелигенција брзо го забрзува откривањето на медицината и лековите. До моментот кога ќе стигнеме до околу 2029 до 2035 година, цврсто верувам дека ќе дојдеме до неопходните одговори“, вели Курцвеил.

Донекаде контроверзен концепт, „лек“ за долговечноста сугерира дека луѓето би можеле да живеат неодредено со продолжување на нивниот преостанат животен век побрзо отколку што минува времето. За да се постигне ова, технологијата ќе треба да напредува до точка каде што ќе може активно да постигне медицинска интервенција еднаква на животот – ефективно добивајќи една година за секоја изгубена година.


Ако ова звучи премногу добро за да биде вистина, не сте сами. Оваа теорија е хипотетичка и се соочува со многу блокади. Стареењето е многу комплициран систем, составен од различни фактори, во и надвор од телото.

Меѓутоа, луѓето веќе живеат подолго отколку пред само неколку години. Со брзите проширувања на сознанијата за здравјето и технологијата, просечниот животен век веројатно ќе се зголеми.

„Ова не гарантира дека ќе живееме вечно. Секое 20-годишно момче може да има компликации и може да умре утре. Сепак, веројатноста ќе се намали. Компаниите прават вештачки бели дробови и бубрези, третманите се експоненцијално подобри и нашето разбирање за болестите се подобрува“, вели Курцвеил.

Ќе се споиме со вештачката интелигенција во блиска иднина

Во двете негови книги, Курцвејл се осврнува на нешто познато како „Сингуларност“. Термин позајмен од физиката, сингуларноста се однесува на хипотетички иден момент во времето каде што технолошкиот раст станува и неконтролиран и неповратен.

Како и многу други негови предвидувања, Курцвејл става датум за ова: 2045 година.

„Ова ќе биде единственоста – каде што повеќе немаме контрола на вештачката интелигенција. Во физиката, терминот сингуларност значи нешто толку моќно што го надминува нашето разбирање толку многу што не можеме ни да замислиме што ќе се случи“, вели тој.

Таканаречената „сингуларност“ е длабоко навлезена во двете негови книги, но има неколку клучни делови од идејата. Најзабележително од нив е неговото верување дека ќе се „слееме“ со вештачката интелигенција, создавајќи нова форма на интелигенција.

Ова би значело драматично зголемено ниво на човечка интелигенција, што ќе ни овозможи да ги надминеме ограничувањата. Тој, исто така, верува дека нанотехнологијата ќе игра клучна улога во поврзувањето на човечкиот мозок со компјутерите, создавајќи беспрекорен интерфејс меѓу двете.


Како и многу од темите што ги допира, верувањата на Курцвеил околу сингуларноста не се без критика. Се потпира на континуираниот брз напредок на технологијата и ќе бара многу подобро разбирање и на интелигенцијата и на способноста на човекот да се спои со технологијата.

Едно е сигурно, Курцвеил е возбуден за иднината, подготвен да му пркоси на стареењето и да се спои со вештачката интелигенција до 2050 година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг