Овој викенд судбоносното „да“ го изговори нашата поп пејачка Александра Јанева. Таа и нејзиниот долгогодишен партнер Иван Ангелов од Штип се заколнаа на вечна љубов, а според споделените видеа и фотографии, нивната свадба била проследена со сите адети и обичаи.
„Во собата во која се криев, се смеевме и викавме гласно, и најемотивниот момент ми беше кога Иван конечно влезе внатре во собата, и кога се погледнавме двајцата со насолзени очи“, изјавила за CRNOBELO.com.
Она што почна со бричење на младоженецот и туркање врата во собата на невестата, преку венчавка во црква и регистрација во ресторан, заврши со голема свадбена веселба која траеше до рани зори.
„Уште сум под импресии од саботата и не ми се верува дека толку бргу ми заврши најубавиот ден во животот, за кој еуфорично се спремавме околу 6 месеци.
Многу ми е драго што, освен јас и Иван, и сите наши најблиски роднини и другари беа подеднакво возбудени и распеани и насмеани ги дочекаа сите важни моменти од тој ден“, се дел од впечатоците кои пејачката ги споделила за овој портал.
Александра за најважниот ден изгледала како од бајките – избрала бела долга венчаница без ракави, во раскошен стил, надополнет со долг бел вел и романтична фризура.
Младоженецот бил облечен во класичен црн костум и бела кошула.
Им ја посакуваме сета среќа во заедничкиот живот.