Барселона го обезбеди и регистрираше Дани Олмо за новата сезона, но и покрај желбата да го реализира и трансферот на Нико Вилијамс, наредниве денови ќе биде фокусирана само на продажба.
Тројца фудбалери се на излезна врата и треба да му се приклучат на Хулијан Араухо кој замина во Борнмут за сума од 10 милиони евра.
Барса мора да обезбеди дополнителен прилив во клупската каса за најпрвин да регистрира уште неколку играчи кои немаат таков статус, а на излезна врата се Микаел Фаје, Витор Роке и Клемен Ленгле.
Французинот е најблиску до Атлетико Мадрид и веројатно за него најлесно ќе биде пронајден купувач, додека за Фаје се интересираат повеќе клубови, но засега нема конкретни преговори.
Интерес за Роке покажале Евертон и Борнмут, но истите се одбиени затоа што и самиот фудбалер сака да избере клуб во кој би сакал да ја продолжи кариерата.
Според шпанските медиуми, во моментов се уште не се регистрирани Алекс Вале, Пау Виктор, Ињиго Мартинез, Витор Роке и Пабло Торе и тие нема да бидат во комбинација за дуелот со Валенсија.