Кристијано Роналдо вчера наиде на многу критики во родната земја поради тоа што не се појави на погребот на Диого Жота и Андре Силва, двајцата браќа кои трагично го загубија животот во страшна сообраќаја несреќа која се случи во четвртокот во Шпанија.
Како португалски капитен, Роналдо се најде на удар во јавноста за отсуството на погребот на кој се појавија огромен број фудбалски ѕвезди, па по првичното објаснување кое го дадоа медиуми како „Рекорд“ и „Мирор“, со образложение во јавноста се јави и сестрата на Кристијано.
– Ужасно е срамотно да се гледаат телевизиски канали, коментатори и луѓе на социјалните мрежи кои ставаат поголемо внимание на едно отсуство, отколку на почитта која треба да се искаже кон едно цело семејство. Зборуваме за семејство кое остана без двајца браќа, без деца, без татко и без чичко.
– Кристијано е медиумска личност многу повеќе од било кој и не може да се појави на вакви настани. Каде и да се појави, тој ќе привлече поголемо внимание од самиот настан. Мојот брат не може да оди на венчавка бидејќи ќе се загуби самата смисла на церемонијата, не може да оди на роденден на своите внуци, не може да дојде на мој роденден.
– Кога нашиот татко умре пред 19 години, медиумите не покажаа никакво почитување, камерите не чекаа пред капелата и пред црквата. Замислете што ќе се случеше ако Кристијано се појавеше на погребот на Жота и Силва, немојте да бидете лицемерни, – објаснува Катија Авеиро.
Со оваа изјава, Катија ја потврди веста која ја пренесе „Мирор“, медиум кој извести дека Португалецот решил да не присуствува на погребот за да не го сврти вниманието на себе во толку тежок и болен момент за семејството на неговиот долгогодишен соиграч во репрезентацијата.