Американската актерка Блејк Лајвли, која публиката ја засака како Серена во серијата „Gossip Girl“, со години важи за една од миленичките на Холивуд.
Секогаш насмеана и совршено дотерана, опуштена, подготвена за шега, Блејк е една од оние непроблематични ѕвезди кои се по сечиј вкус, особено кога ќе ги здружи силите со нејзиниот сопруг Рајан Рејнолдс.
Меѓутоа, во последно време таа е на мета на критики токму поради својата опуштеност и смешкање, а некои одат дотаму што ја нарекуваат „глупава“, „површна“ и „несериозна“.
Актерката моментално го промовира својот нов филм „It Ends with Us“, кој е заснован на романот на Колин Хувер, а во своите јавни појавувања таа е весела, промовирајќи ја својата линија производи за нега на коса, зборувајќи за нејзиниот среќен брак, носејќи исклучиво облека инспирирана од цвеќиња... иако станува збор за филм за насилство.
Со оглед на тоа што пораката на ова остварување е сериозна и важна, Лајвли се соочува со коментари дека ѝ недостига такт бидејќи дава прилично безгрижни интервјуа, а едно од најзапазените беше она кое го даде со колешките Џени Слејт и Изабела Ферер и авторката на споменатиот роман, Колин Хувер.
За време на разговорот пред камерите, тие се смееле, зборувале за нивните работни места од соништата и карактеристиките на нивните хороскопски знаци и во ниту еден момент не го споменале семејното насилство.
Корисниците на социјалните мрежи веднаш ги осудија, особено Блејк Лајвли која го водела ова групно интервју, бидејќи и покрај сериозната природа на филмот, тие разговарале и се шегувале како да промовираат романтична комедија.
Еден од најшокантните моменти за фановите бил кога актерката на крајот им порачала на сите да ги поканат своите пријателки, да облечат нешто цветно и да одат во кино да го гледаат нејзиниот филм, како да не станува збор за толку тешка тема.
„Многу сум збунета, не разбирам што е суштината на филмот“, „Ова е филм за насилство, можете ли да се однесувате соодветно?“, „Не знаев дека е толку глупава“, „Блејк е тука само за мода и тоа е тоа, не ѝ е грижа за пораката, таа е плитка“, „Како некој што ја прочитал книгата, ја сакал Блејк и преживеал семејно насилство, малку е да се каже дека сум разочарана“... се некои од коментарите.
Откако на социјалните мрежи започнаа да се шират негативни реакции за однесувањето на актерката, Блејк Лајвли на Инстаграм сподели број на кој можат да се јават жртвите на насилство во врска или брак.
„Една од четири жени на возраст над 18 години само во Америка била жртва на тешко физичко насилство од страна на партнер во животот. Тоа ги погодува сите полови, вклучувајќи повеќе од 12 милиони луѓе годишно во САД. Секој заслужува врска без семејно насилство“, порачала актерката.
„It Ends with Us“ е филм во режија на Џастин Балдони, кој ја раскажува приказната за Лили Блум, цвеќарка од Бостон и млада жена која пораснала гледајќи семејно насилство, за потоа и самата да стане жртва.