Студентите по машинско иженерство на швајцарскиот универзитет „ETH Zurich“ напорно работат на врвните роботи коишто би можеле да го сменат начинот на изучување на океаните.
Роботската риба „Ева“ мавта со силиконските перки поставени од двете страни на нејзиното тело и без проблеми се движи низ ладната вода на езерото во Цирих, каде научниците го тестираат проектот „Surf – eDNA“.
Имено студентите од „ETH Zurich“ веќе две години изработуваат и го тестираат јатото на роботски риби – помеѓу коишто рибата „Ева“ е последна нивна креација. „Ева изгледа како риба за да бидеме што помалку инвазивни во рамките на екосистемот којшто го истражуваме. Нејзиниот дизајн не би требало да ги исплаши другите риби во езерото“, изјави за „CNN“, Денис Бауман од универзитетот „ЕTH Zurich“.
Автономното подводно возило (АПВ) – Ева, на себе има поставено камера за снимање под водата, сонар по пат на којшто ги одбегнува пречките и филтер за собирање на ДНК. Научниците потоа таа ДНК можат да ја секвенционираат за да видат кои видови животни живеат во тој екосистем.
Експертите сè повеќе користат вакви алатки за истражување на океаните. На пример, „стартап“ „Аquaai“ од Калифорнија направи дронови кои личат на риби а коишто можат да собираат информации за нивото на кислород, соленоста и ПХ вредноста.
„Сакаме да направиме сигурна алатка за биолозите. Можеби на тој начин помалку видови животни ќе изумрат или ќе бидат помалку загрозени“, додаде Бауман.